21.10.2011, 15:27 Ставрев: Да и судиш на Барселона е како убав сон
Македонскиот фудбалски судија Александар Ставрев доби пофалби од контролорот Марк Бата и од претседателот на Каталонците.
Миодраг Мицковиќ
Какво ли е чувството за еден судија да се најде во центарот на фудбалот, да дели правда пред повеќе од 80.000 гледачи, и тоа на еден од најграндиозните стадиони во Европа „Камп Ноу“. Да му суди на светскиот и европски клупски првак, на големата Барселона, на асови како што се Меси, Пужол, Давид Вилја, Иниеста и останатите ѕвезди во составот од Каталонија. Таа чест ја имаше нашиот најдобар судија Александар Ставрев со своите помошници Марјан Кировски, Љубомир Крстевски, младиот Дејан Јакимовски како четврти судија и уште двајца зад головите Димитар Мечкаровски и Горан Петрески. За првпат во историјата на Лигата на шампиони и во историјата на македонскиот фудбал, шестмина судии од нашата држава и' судеа на Барселона. И што е најважно, со голем успех.
„Немам соодветни зборови да го опишам моето судење на најголемиот стадион во Шпанија и сето она што го доживеав и почувствував во 90 минути во кои бев во друштво со најголемите светски фудбалски асови на теренот“, беа првите зборови на Ставрев со кого вчера разговаравме по неговото враќање од Барселона.
„Да и' судиш на Барселона, тоа е како убав сон што сакав да трае што подолго. Судев и уживав во играта на тие фудбалски велемајстори. Ниту еден приговор за тие 90 минути. На теренот се однесуваа супер коректно. Делуваа како господа, по мечот сите до еден дојдоа до нас да ни честитаат на судењето, и тие и гостите“, раскажува Ставрев и продолжува:
„По завршување на натпреварот, пред излезот не' пречека и тренерот Пепе Гвардиола. Се заблагодари за судењето бидејќи, како што потенцира, во ретко кој меч неговата екипа минува без жолти картони. Немаше ниту потреба од картони. Се играше навистина коректно. Беше задоволство да се суди“.
Претседателот на Барса со честитки за македонските арбитри
Впечатоците на Ставрев, меѓу кои и оние во соблекувалната по завршувањето на средбата јасно ја повлекуваат цврстата граница меѓу овдешниот непобедлив примитивизам и односот на одговорните луѓе на вака високо ниво на натпреварување.
„Се' уште бевме во спортска опрема кога во соблекувалната дојде портпаролот на Барселона за да не' праша дали претседателот на клубот Сандро Росел може да влезе да се поздрави со нас и да ни' честита за судењето. Господинот Росел се задржа околу дваесетина минути во наше друштво, разговаравме, беше мошне задоволен од нашата арбитража и ни' посака добро судење и во наредните натпревари. Бевме пресреќни кога на излегување рече - „Да бидам искрен, незнаев дека Македонија има толку добри судии“
|