22.10.2011, 14:07 КФОР се обиде да ги деблокира патиштата кон Брњак
КФОР синоќа по вторпат во три дена се обиде да ги деблокира патните правци во општината Зубин Поток кон граничниот премин Брњак.
Во акциите учествуваа единиците на КФОР, кои во четвртокот во три часот по полноќ се стационираа во близина на овие барикади, како и мароканската единица на КФОР, која во правецот на Вучитрн и Приштина пристигна на барикадата во местото Дудин крш, на два километра од Рудар, во правец на Јариње.
За разлика од обидите за отстранување на барикадите во ноќта меѓу средата и четвртокот, синоќа не се случија инциденти, ниту физички контакт меѓу КФОР и Србите, како ни употреба на солзавец.
КФОР демонстрирал упорност да обезбеди слобода на движење на подрачјето на Зубин Поток, а Србите останале мирни.
На сите три локации КФОР ги предупредил насобраните граѓани да го напуштат подрачјето на барикадите, заканувајќи се во спротивно дека ќе употреби сила, но тие останале глуви на ваквите предупредувања.
Според српските медиуми, граѓаните се подготвени за ваква „игра на нерви“ и тестирање на нивната истрајност се додека не се постигне договор со меѓународните сили.
Претседателот на општината Зубин Поток Славиша Ристиќ утрово из��ави дека слободата на движење на меѓународните сили во северниот дел на Косово е можна доколку КФОР и ЕУЛЕКС потврдат на теренот статусна неутралност.
- Ова може да се реши на едноставен начин: ако КФОР и ЕУЛЕКС изјават дека повеќе нема да превезуваат косовски полицајци и цариници и ако ги вратат овие луѓе од премините, тогаш се отвора простор за слободно движење за сите, како и за нормални разговори, истакна Ристиќ на барикадата во Јагњеница, каде Србите воп два часот изутринава го осуетија обидот на КФОР да ја отстрани препреката на патот кон Брњак.
Тој додаде дека Србите се подготвени да овозможат слободно движење и дијалог со претставниците на меѓународните мисии.
- Но тоа не е можно се додека КФОР се обидува на сила да го наметне присуството на претставниците на косовските власти во северниот дел на Косово, нагласи претседателот на општината Зубин Поток.
Единиците на КФОР утрово се повлекоа во своите конвои, а припадниците на мароканските сили на КФОР се упатија кон својата база.
|