21.10.2011, 12:05 Поповски во посета на Приштина, Чеку во Скопје
Покрај со косовскиот министер Хоџај, Попоски ќе оствари средби и со претседателката на Косово,. Атифете Јахјага, премиерот Хашим Тачи, со претседателот на Парламентот Јакуп Красниќи, како и со претставници на македонската Горанска заедница.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска на покана на косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај ќе претстојува во еднодневна официјална посета на Приштина, додека министерот на косовските безбедносни сили Агим Чеку денеска ќе престојува во еднодневна посета на Македонија. Домаќин на Чеку е министерот за одбрана Фатмир Бесими.
Во рамките на еднодневниот престој, покрај средбата со својот домаќин, косовскиот министер Хоџај, министерот Попоски ќе оствари средби и со претседателката на Косово Атифете Јахјага, премиерот Хашим Тачи, со претседателот на Парламентот Јакуп Красниќи, како и со претставници на македонската Горанска заедница.
На средбите се очекува да бидат разменети мислења околу можностите за унапредување на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Косово, договорната состојба, како и соработката во регионалните и мултилатералните организации и асоцијации.
Што се однесува до доаѓањето на Чеку, претстојната средба, двајцата министри ќе ја искористат за јакнење на соработката и довербата помеѓу двете соседски земји, како и за натамошно продлабочување на воспоставените билатерални релации во делот на одбраната. Воедно за време на средбата се очекува да бидат разменети мислења во однос на политичко-безбедносната ситуација во регионот, чија што стабилност за двете земји е од приоритетен интерес.
Во рамките на посетата на Република Македонија министерот за косовските безбедносни сили Агим Чеку покрај средбата со својот колега Бесими, ќе биде примен и од премиерот Никола Груевски, а ќе ја посети и Воената академија „Михаил Апостолски“, Регионалниот тренинг центар за комуникации и Воениот медицински центар.
|