22.10.2011, 14:26 (ФОТОГАЛЕРИЈА) Витоуш разочара, Лојд воодушеви
На втората вечер од „Скопскиот џез-фестивал" слушнавме уште една голема ѕверка, саксофонистот Чарлс Лојд и неговиот „Нов квартет" со извонредни музичари.
Тина Иванова
Фото: Киро Попов
Крајно спротиставени беа мислењата за концертот на чешкиот контрабасист со њујоршко искуство Мирослав Витоуш и неговата придружба на сцената составена од Роберт Бонисоло на саксофон, Ајдин Есен на синтисајзер, Роберто Гато на тапани и трубачот Франко Амброзети како нивен специјален гостин. Витоуш во Скопје, на втората вечер од "Скопскиот џез-фестивал" го претстави новиот творечки предизвик кој подрзабира навраќање, односно сеќавање на легендарната аванградна експериментална група "Ведер Рипорт" во која и тој самиот членуваше во оригиналната постава со Вејн Шортер и Џо Завинул во 70-те. За едни, нивниот концепт беше крајно здодевен, особено поради бајатиот звук за кој придонесоа застарените бои на синтисајзерот, но и поради контрабасот на Витоуш засилен со ефекти што на места му даваа боја на електична гитара, ама и заради просечноста на тапанарот. Или, воопшто, поради севкупниот амбиент кој го создаваа. Нивната музика како повторно да тежнее да се наврати на оној првичен звук на "Ведер Рипорт" што за денешното уво е непривлечно. За други, пак, Витоуш и неговата екипа, создадоа убав настап со теми и од "Ведер Рипорт", но и со џез-стандарди завиткани во интересни аранжмани кои правеа фузија меѓу разно-разни правци, што дури ниту најизведуваната џез-композиција "Automn Leaves" тешко можеше да се препознае. Трубачот Амброзети единствено како инструменталист се истакна со убавата боја на својот инструмент, но и со инвентивните импровизации. Витоуш во последно време снима за познатата "ECM", па публиката можеби однапред очекуваше малку покомпактна, поамбиентална свирка, но и со појасен концепт какви што изданија претежно протежира оваа издавачка куќа. Нивната електрична лепеза од звуци во која експериментот или ад хок импровизацијата на сцена како еден од адутите на овој состав, потешко се рефлектираше кај присутните во Универзална. На Витоуш очигледно повеќе му лежи покласичен приод и во поглед на мелодиското обликување на композициите, и особено во изведувачки аспект.
Од друга страна, пак, Чарлс Лојд ја остави публиката без здив. Тој и неговиот бенд во кој се помладите Џејсон Моран на пијано, Рубен Роџерс на бас и Ерик Харланд на тапани, направија концерт за паметење, кој беше продолжение на приказната на Вејн Шортер од првата вечер, во однос на високиот квалитет и професионализам.
"Сега се чувствувам помлад од пролетта". Оваа изјава на Чарлс Лојд дадена неодамна за еден српски медиум, е сосема на место. Легендарниот американски саксофонист и голем музички мислител беше втората голема ѕверка на "Скопскиот џез-фестивал", кој настапи по бендот на Витоуш, а кој и во Скопје ја покажа својата витална енергија и непресушна креативност. Годините кај него не се чувствуваат. Свири со творечки и интерпретативен елан како да е во цветот на младоста. Тоа беше очекувано, особено ако се земе во предвид неговиот придружен бенд во кој се влијателни современи џез-музичари, насловен како "Нов квартет" и со кој го промовираше последниот албум "Мирор". Нивната взаемна енергија, нивната творечка сплотеност силно се чувствуваше и кај посетителите во Универзална, кои ја наградија групата со овации и аплаузи. Лојд очигледно се уште има порив не само за свирење, туку и за откривање на нови музички патеки. Свиреше, па се повлекуваше од сцената седнат на столче позади, или шеташе крај музичарите оставајќи ги нив да ја соопштат својата мисла. Нивната топла, повеќе романтична музика е како своевидна лабораторија во која се анализира секој можен отсвирен тон. Тоа беше навистина софистициран концерт на големи музички интелектуалци, полн со убави тонски бои, концерт кој ако сте заразен љубител на џезот, ќе ве однесе во транс.
|