25.10.2011, 15:41 Ловќен лесен залак за Металург
Со половина сили, тимот на Червар славеше со 32:17 во Регионалната лига.
Тренерот на Металург, Лино Червар, имаше убава можност на мечот со Ловќен од Цетиње (32:17) да им даде поголема минутажа на ракометарите што на досегашните средби во Лигата на шампионите и во Регионалната лига повеќе ја грееја клупата отколку што играа. Тие ја искористија шансата: голманот Митревски одбрани шест тешки удари, Јоноски постигна шест гола. Играа сите што беа на клупата, дури и Младеновски, кој досега немаше ниту една минута настап.
Иако играше без своите клучни играчи Козлина, Миркуловски, Марковиќ и голманот Станиќ, Металург беше пресилен во мечот со најдобриот клуб од Црна Гора и практично одржа тренинг пред утрешниот натпревар со Борац во Бања Лука во рамките на Регионалната лига. Само до 15 минута владееше некоја неизвесност, кога Металург водеше со 7:5, но потоа се' си дојде на своето место. Јоноски почна да испраќа проектили кон голот на Абрамовиќ, тука беше и Наумче Мојсоски со своите голови, а речиси сите што играа се запишаа во листата на стрелците. Залудно тренерот на Ловќен правеше чести измени, бидејќи не можеше да ги сопре нападите на домашните ракометари, кои можеа да пост��гнат и поубедлива победа ако не подзастанаа во финишот.
По овој меч „металурзите“ заминаа за Бања Лука, од каде што требаше на враќање да играат со Црвена звезда во Белград за да не се враќаат во Скопје, но белграѓани не го прифатија предлогот и средбата ќе се одигра за подоцна. (М.М.)
Металург - Ловќен 32:17
Полувреме: 18:8. Сала: во Автокоманда. Судии: Боричиќ и Марковиќ од Србија. Седмерци: Металург 3/3, Ловќен 0/2. Исклучувања: Металург 6 мин., Ловќен 2 мин. Металург: Митревски, Ангелов, Ракчевиќ 2, Левов 3, Димовски 1, Младеновиќ 3, Гоергиевски 1, Манасков 5, Марковски 3, З. Мојсоски 4, Н. Мојсоски 4, Батиновиќ 3, Алушовски 1, Јоноски 6, Стоилов, Стојчевски. Ловќен: Абрамовиќ, Симиќ,Ј оветиќ 2, Калуѓеровиќ 1, И. Марковиќ 4, Станковиќ, Поповиќ 1, Пејовиќ 1, Драшковиќ 2, Радовиќ, Перишиќ, Лисица 2, Грбовиќ 1, Липовица.
.
|