25.10.2011, 16:01 СДСМ обвинува за применување селективна правда
СДСМ денеска ја обвини власта за селективен пристап во разрешувањето на правните случаи, посочувајќи ги како пример „пари во шише“ и смртта на Мартин Нешковски.
Јани Макрадули, член на Извршниот одбор на СДСМ, на прес-конференција рече дека повод за денешната реакција се две вчерашни информации кои, како што наведе, потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ применува селективна правда, посочувајќи на медиумски извештаи оти УЈП ги запрела постапките за случајот „пари во шише“ пронајдени кај возачот на Срѓан Керим. За власта, вели Макрадули, немало ништо спорно и незаконски, туку било сосема нормално кај некого да се најдат 750 илјади евра скриени во шише и тоа во обид со нив да влезе во ЕУ.
Како доказ дека по секоја цена се прави обид за забошотување на одговорноста на министерката за внатрешни работи, Макрадули посoчи на писмото кое Игор Спасов, обвинетиот за убиството на Нешковски, и го испратил на Јанкулоска. За СДСМ, скандалозни се тврдењата дека во предметот недостасуваат службените полициски белешки со кои се потврдува дека на специјалците им било наложено да ја обезбедуваат партиската прослава на ВМРО ДПМНЕ се додека премиерот и министрите се на плоштадот. Според Макрадули, ниту возачот на Керим самоиницијативно тргнал со 750 илјади евра во пластично шише, ниту специјалецот Спасов можел да биде толку блиску до премиерот и министерката за внатрешни работи ако бил случајно на плоштад.
|