24.10.2011, 12:22 Македонските институции во одбрана на идентитетот
Писма со остар тон до еврокомесарот Штефан Фуле за негирањето на македонскиот идентитет испратија спортистите, научните работници од институтот за македонски јазик и дирекцијата на Струшките вечери на поезијата.
Освен Кошаркарската федерација на Македонија, вчера писма со остар тон до еврокомесарот Штефан Фуле за негирањето на македонскиот идентитет испратија и фудбалската и ракометната федерација на Македонија, но и научните работници од институтот за македонски јазик и дирекцијата на Струшките вечери на поезијата.
Спортистите посочија дека настапуваат за Македонија, играат како Македонци, се борат за македонски успех. Во одбрана на идентитетот застанаа кошаркарите, фудбалерите и ракометарите.
„Ние добро знаеме кои сме и што сме, тоа се гледа на нашите дресови, тоа се покажа преку натпреварите и коментарите на светскиот печат, а најдобро се потврди во текот на целото првенство и осебно на свечениот дочек кога цела Македонија во еден глас пееше за успехот на Македонците. Тоа се факти кои се неспорни и кои ги прифаќа сиот слободен свет, и треба и Европската Унија која ја респектираме, исто така да ги прифати���, порачаа кошаркарите.
„Македонскиот јазик е нашата татковина, бидејќи за поетот, јазикот е татковина“. Под ова мото е напишана и реакцијата од раководството на Струшките вечери на поезијата.
Повикувајќи се на Блаже Коневски за јазикот како најсигурно место на татковината, раководството на Струшкиот поетски фестивал го осудува ,,несфатливиот и неприфатливиот чин на негово негирање“, стои во соопштението во кое се потсетува дека „Струшките вечери на поезијата се една од најстарите поетски манифестации во светот, која годинава го славеше својот педесетгодишен јубилеј, под покровителство на УНЕСКО".
„Десетици и десетици поети од светот се преведени на македонски јазик, со што е сочувано достоинството на нивните идеи и пораки. Но и обратно, поетските вибрации на македонскиот јазик се присутни во светот преку бројни преведени дела од македонски автори, особено песната „Т’га за југ“ од Константин Миладинов. Таа е преведена на јазиците на стотина земји од светот. Поезијата на венцоносците: Неруда, Монтале, Алберти, Енцензбергер, Рицос, Вознесенски, Гинзберг, Бродски, Тед Хјуз, Хини, Махмуд Дарвиш.... вклучувајќи го и годинашниов нобеловец Томас Транстромер, преведена е на македонски јазик, а достоинствата на нивните творци веќе се неодвоив дел од нашата култура“, велат од СВП.
Се огласија и лингвистите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, кои укажуваат дека македонскиот јазик е реалност, факт, службен јазик во ни и од Македонците што живеат во соседните држави и во дијаспората, не само на европскиот континент туку секаде во светот...
„Поимите Македонец и македонски јазик се длабоко врежани во свеста на секој што живее на ова парче земја. Бришењето на овие основни атрибути за нашиот идентитет значи бришење на колективната меморија отелотворена низ нашата богата историска, фолклорна и културна традиција. Ова што низ извештаите на Европската унија сака да му се протне на македонскиот народ е голем срам за Унијата и заобиколување, непотпирање врз научно потврдените факти или нивно непознавање, како и свесно кршење на елементарните човекови права, меѓу кои на прво место се правата за слободно определување“, стои, меѓу другото, во реакцијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ до Европската комисија во Брисел.
|