25.10.2011, 16:20 Место сведочење, писмен исказ од заштитниот сведок
На денешното продолжение на процесот против Љубе Бошкоски, судскиот совет го прочита само исказот што го дал заштитениот сведок во фаза на кривична истрага.
Заштитниот сведок во случајот со Љубе Бошкоски е надвор од државава и тој нема да се појави во судот. На денешното продолжение на процесот, судскиот совет го прочита само исказот што го дал заштитениот сведок во фаза на кривична истрага. Како што неофицијално се дознава, судот предложил читање на она што сведокот го кажал во текот на истрагата, а бранителите на лидерот на Обединети за Македонија не приговарале на предлогот на судот.
Со читањето на исказот се отстрани и последната недоумица што го следи овој случај, за сослушувањето на сведокот за кој што се тврди дека му ги дал спорните 100.000 евра на Бошкоски.
Судењето денеска почна со читање на писмо испратено од Министерството за внатрешни работи, со кое се потврдува дека сведокот е надвор од државава. По оваа констатација, само еден од адвокатите на Бошкоски побара да го види она што е доставено до судот, кој, пак, донесе решение да ја исклучи јавноста за да може да ги изведе преостанатите докази обезбе��ени со примена на таканаречените посебни истражни мерки.
Од извори блиски на одбраната на обвинетиот, дознаваме дека на следното продолжение на овој судски процес ќе бидат дадени и завршните зборови со што судењето ќе биде приведено до самиот крај.
Љубе Бошкоски беше уапсен само еден ден по изборите на шести јуни годинава, кога во скопскиот ресторан „Воденица“ од непознато лице примил 100 илјади евра со кои требало да ги покрие трошоците на изборната кампања на неговата политичка партија. Бошкоски, освен за нелегално финансирање на изборната кампања, се товари и за злоупотреба на службената положба и овластување. (Љ.С.)
|