25.10.2011, 11:45 Нов штрајк на вработените во јавниот превоз во Атина
Грчкиот главен град Атина денеска ќе остане без метро, автобуси, трамваи и тролејбуси, поради новиот 24-часовен штрајк на вработените во јавниот градски превоз, организиран во знак на незадовоство од новите строги владини мерки за штедење.
Во Атина денеска ќе сообраќа само локалниот желенички превоз, кој го поврзува грчкиот главен град со неговите предградија и околни места. Вработените во локалната железница овој пат решија да не учествуваат во 24-часовниот штрајк, туку само ќе се солидаризираат со своите колеги со четиричасовен прекин на работата од 12 до 16 часот.
Возовите на државната железничка компанија ОСЕ ќе работат нормално, а кон штрајкот не се приклучуваат ниту таксистите.
Вработените во атинскиот јавен траспорт најавија засилување на протестите во текот на наредните денови, во знак на револт од владините реформи кои предвидуваат намалување на пензиите и платите во јавните служби и намалување на бројот на вработените во администрацијата и државните претпријатија.
|