26.10.2011, 13:43 Силвестер Сталоне обвинет за крадење на сценарио
Американскиот акционен актер Силвестер Сталоне е обвинет дека украл сценарио според кое е снимен филмот „Платеници“, за група жестоки момчиња ангажирани да ликвидираат воен диктатор.
Тужбата ја поднесе сценаристот Маркус Веб кој тврди дека сценариото на блокбастерот на Сталоне од 2010 година е „многу сличен, а во некои сцени и идентичен“ со сценариото „Генералот од Кордоба“, кој тој го напишал во 2006 година.
„Генералот од Кордоба“ е приказна за елитни платеници чија задача е да се пресметаат со извесниот Гарзо, киднапиран генерал во мала латиноамериканска држава.
Филмот „Платеници“, во кој меѓу другите играат Брус Вилис, Арнолд Шварценегер, Џет Ли и Долф Лундгрен, оствари заработувачка од речиси 275 милиони долари ширум светот.
Во моментов се снима продолжението на филмот, под работен наслов „Платеници 2“, што во кината треба да пристигне летото 2012 година.
|