23.10.2011, 13:45 МЗТ Скопје подобар од Работнички во градското дерби
Пред празни трибини во салата „Јане Сандански“, кошаркарите на МЗТ Скопје го добија првото градско дерби во новата сезона, совладувајќи го Работнички со 79:70.
По израмнета игра на почетокот од натпреварот, Работнички успеа да прејде во водство и по крајот на првата четвртина имаа предност од 17:23.
Кошаркарите на Работнички ја расипаа реализацијата во втората четвртина, а тоа го искористија домаќините кои во овој период владееја со скокови под обрачите, па така по првиот дел тие имаа водство од 43:40. По првото полувреме во редовите на МЗТ се истакнаа Далман со 16 и Чековски со 12 поени, а кај Работнички најефикасен беше Кол со 13 поени.
Домаќините продолжија да го зголемуваат водството и стигнаа и до десет поени предност (54:44), но следеше одлична серија од 12:2 на кошаркарите на Работнички, по што во последната четвртина се влезе со 56:56.
Израмнетата игра продоли и во финишот од натпреварот кога двете екипи се менуваа во водство, а на пет минути пред крајот, Работнички имаше пет поени предност (62:67). Но, тоа беше се што тие сторија на овој натпревар. Со фуриозна завршница и серија од 17:3, МЗТ Скопје триумфираше со 79:70.
Блеска��е Американецот Ноа Далман со 30 поени и 10 скокови, Ѓорѓи Чековски реализираше 16 поени и 10 скокови. Во поразената екипа најефикасни беа Брендон Кол со 19, Диме Тасовски со 16 и Ефтим Богоев со 14 поени.
МЗТ Скопје - Работнички 79:70 (17:23; 26:17; 13:16; 23:14)
МЗТ Скопје: Стојановски 9, Мијајловиќ 6, Стефанов, Кочов, Јаневски, Чековски 16, Пенов, Дејвис 8, Далман 28, Цого, Грим 4, Гајдаџиев 2. Работнички: Богоев 14, Дилберовски, Савовиќ, Хаџибулиќ 6, Стојанов, Васиљевиќ 6, Тасовски 16, Станков, Докузовски, Узунов, Калањ 9, Кол 19.
|