Манчестер Јунајтед денеска го доживеа најголемиот пораз во историјата од градскиот ривал Манчестер Сити (1:6)
„Олд Трафорд“ денеска потклекна пред лутиот ривал, кој славеше со убедливи 6:1. Ако „ѓаволите“ со пресврт во второто полувреме го добија натпреварот од „Комјунити шилд“ пред почетокот на сезоната, денеска немаше пресврт туку само еден тим кој „газеше“ без милост.
Бесниот Марио Балотели ги постигна првите два гола за „граѓаните“ (22 и 60), а задачата на избраниците на Роберто Манчини му ја олесни Џони Еванс, кој заработи црвен картон на стартот од вториот дел. На 3-0 зголеми Кун Агуеро во 69. минута, додека почесниот гол за Јунајтед го постигна Дарен Флечер во 81. минута. И кога работите се смирија, а сите очекуваа крај на средбата настана нова бура, во која за четири минути (90-94) двоен стрелец беше Един Џеко, а Давид Силва еднаш ја затресе мрежата на Де Геа за комплетен дебакл на „црвените ѓаволи“.
Со триумфот, Сити се зацврсти на врвот со 25 поени, пет повеќе од второпласираниот Јунајтед.
Значајна победа на „Емирати“ забележа Арсенал, кој славеше над Стоук со 3-1 благодарение на двата гола на Робин ван Перси во вториот дел. Резултатот до отвори Жервињо во 27. минута, но Питер Крауч изедначи седум минути подоцна. Со идентичен резултат, но на гости, Евертон беше поуспешен од Фулам.