28.10.2011, 15:46 Мирисот на лалињата ги дразни ватерполистите
За пласман на ЕП во Холандија е потребна победа од три гола разлика над Франција.
По Малага 2008 и Загреб 2010, најдобрите македонски ватерполисти посакуваат настап и на Европското првенство 2012 во Холандија, но за тоа ќе мораат здраво да запнат против Франција утре вечер од 20,30 ч. на Олимписки базен. Французите славеа со 8:6 во првиот натпревар од баражот на 1 октомври во Париз, па на избраниците на селекторот Игор Гочанин им е потребна победа од три гола разлика за хет-трик од настапи на еврошампионатите. Победа на Македонија од два гола разлика, без оглед на резултатот, ќе го одведе мечот во продолженија. Севкупниот победник во двомечот во ждрепката на 11 ноември ќе ги дознае противниците во групата на првенството што ќе се одржи од 16 до 29 јануари во Ајндховен.
„Французите се' уште го паметат поразот од нас во Волос поради кој не учествуваа на ЕП во Загреб. Во еден дел ни се одмаздија за тоа во Париз, но сега нам ни е редот да им вратиме и да го задржиме континуитетот настапи на европските шампионати. Имаме квалитет за тоа, останува уште тоа да го потврдиме и во базенот“, вели капитенот Иван Вуксановиќ. Тој го круниса пресвртот во последните 90-тина секунди од директниот дуел со „петлите“ во ланските евроквалификации во Грција, стрелајќи прецизно непосредно пред звукот на сирената за конечни 8:7 и пласман на ЕП во Хрватска.
Во однос на средбата во Париз македонскиот состав ќе биде посилен за уште еден центар покрај Даниел Бениќ, Саша Мишиќ од унгарски Дебрецин, а ќе отсуствува Урош Калиниќ од административни причини. Рокада во тимот направи и францускиот селектор Петар Ковачевиќ, кој го повика Исмаил Мутаабид наместо Лори Желеф.
„Силното темпо и колективната игра пресудија во наша корист во првиот натпревар. Тие ќе бараат одмазда во реваншот пред својата публика. Тоа ќе биде тежок меч, но можеме да се квалификуваме на ЕП“, оптимист е Реми Содадие, кој даде два гола во првата средба, во која најефикасен беше неговиот репрезентативен колега Уго Крусија.
Вечерва треба да се одиграат и преостанатите пет реванши од баражот: Малта - Германија (5:21 во првиот меч), Шпанија - Русија (13:6), Турција - Словенија (9:7), Словачка - Грција (7:13) и Романија - Грузија (11:5). Според пласманот во Загреб на ЕП веќе се Хрватска, Италија, Србија, Унгарија и Црна Гора, како и Холандија како домаќин. (Р.Д.)
|