25.10.2011, 15:04 „Метрополис“ на Фриц Ланг во МОБ
На 27 октомври Кинотеката на Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на заштита на аудиовизуелното наследство со премиерата на култниот филм во придружба на Македонската филхармонија.
Со проекција на култниот филм „Метрополис“ од 1927 година на режисерот Фриц Ланг и музичката изведба на Македонската филхармонија според оригиналните партитури на Готфрид Хупертс и под диригентската палка на Хелмут Имиг, утре во Македонската опера и балет ќе биде одбележан 27 октомври, Светскиот ден на заштита на аудиовизуелното наследство.
„Проекцијата се случува само една година по премиерата на филмот на Берлинскиот филмски фестивал. Станува збор за реставрирана филмска копија на филмот „Метрополис“ и негова целосна верзија, која беше најдена во Филмскиот архив во Буенос Аирес“, посочи директорката на Кинотеката на Македонија Мими Ѓорѓоска - Илиевска, додавајќи дека ова е првпат во Македонија да се организира ваква филмска проекција во придружба на Македонската филхармонија.
Кинотеката на Македонија веќе петта година го одбележува овој значаен ден, а оваа година, како што нагласи Ќорќоска - Илиевска, одлучиле да стават акцент на уште еден есенцијален сегмент од областа на заштитата на аудиовизуелното наследство, одбележувањето на значајноста, чувањето, заштитата, реставрацијата и презентацијата од аспект на достапноста на колекциите на филмските архиви до публиката. „Деновите на заштита на аудиовизуелното наследство продолжуваат од 28 октомври со одлична селекција на неми филмови. Потоа следува избор на филмови од француската авангарада, па три дена неми фимови од Југоисточна Европа итн. Сите проекции ќе бидат со музичка придружба“, додава Ѓорќоска - Илиевска.
Раководителот на Канцеларијата за врски на Гете-институтот во Скопје, Томас Дикхаус, истакна дека дури 80 проценти од најраните продукции на неми филмови се неповратно изгубени, но, за среќа се прават сензационални откритија, како што беше тоа со изгубените делови на „Метрополис“ откриени во Аргентина.
Инаку, како што рече директорката на Македонската филхамонија, Маја Чанаќевиќ, филмот кој трае 145 минути е исклучително тешка и напорна партитура особено за дувачкиот дел од оркестарот и претставува голем предизвик. Додека диригентот Хелмут Имиг вели дека ја диригирал музиката и за старата верзија од филмот која била потешка, истакнувајќи дека секој може да го диригира тоа, но никој по 20. пат. (К.Р.)
|