26.10.2011, 13:12 Премиера на „4.48 Психоза“ во режија на Ѓорѓи Јолевски
Претставата базирана врз дело на британската писателка Сара Кејн, ќе биде изведена в сабота во МНТ
Јубилејот, 15 години од основањето на театарот „Квартет“, македонскиот актер Ѓорѓи Јолевски, неговиот автор, ќе го прослави со претставата „4.48 психоза“, чија премиера ќе се случи на 29 октомври (сабота) во Македонскиот народен театар. „4.48 психоза“ е последното дело на познатата британска писателка Сара Кејн, која се смета за најголемиот драмски автор во Европа од почетокот на 21 век, и претставува на некој начин текст за вивисекција на човекот на денешницата. Во претставата улогите ги толкуваат младите актери Никола Ацески и Александар Ѓорѓиески.
Изборот на музиката за „4.48 психоза“ е на Горан Путица и тој не е случаен. Негов беше музичкиот избор и на првата претстава на театарот „Квартет“ пред 15 години во режија на Ѓорѓи Јолевски, кога ја постави истоимената „Квартет“ од Хајнер Милер со Синоличка Трпкова во главната улога.
Истакнатиот актер и режисер Ѓорѓи Јолевски, годинава одбележува уште еден значаен јубилеј - 25 години од професионалната актерска кариера. Тој вели дека за изборот оваа претстава да се б��зира врз дело на Кејн, е поради фактот што во нејзините реплики, во нејзините стихови постои неверојатна емоција која вришти, која шокира. „Таму има неверојатна желба за љубов, допир, прегратка, се разбира, неочекувајќи конвенциите на системот да и помогнат во тоа, туку таа оди во некаква слободна форма“, вели Јолевски. За него, „4.48 психоза“ е лавина од емоции еруптирани на лист хартија ставајќи го на испит европскиот алтруизам, политичките системи кои треба да му помогнат на човекот да го помине ова парче време дадено од Бога во некакво смирение, уметничките форми кои ја лимитираат творечката слобода и се разбира, се нурнува во лавиринтите на човековиот ум за да ја наговести кршливоста, кревкоста и несигурноста на духот, кој како меур од сапуница може да се распрсне при најмала пречка.
Дизајнот на претставата е на Ѓорѓи Јолевски, аудиовизуелните материјали ги подготви Срѓан Јаниќијевиќ, а како гостин со својот глас учествува и актерката Арна Шијак. (К.Р.)
|