26.10.2011, 14:46 Мики Манојловиќ ќе игра во „Бучно“ на Анета Лешниковска
Големиот српски актер го потврди учеството во долгометражниот игран филм на Лешниковска, кој лани ја доби поддршката на македонскиот Филмски фонд
Во филмот „Бучно“ на Анета Лешниковска ќе игра Мики Манојловиќ. Големиот српски актер го потврди своето учество во долгометражниот игран филм на Лешниковска, кој лани ја доби поддршката на македонскиот Филмски фонд, а веќе има обезбедено и копродуценти од Холандија и од Германија.
Ова е одлична вест и успех за Лешниковска, на која ова и' е втор филмски проект по нејзиниот првенец „Боли ли?“, познат како прв македонски и балкански „догме“ филм што помина доста добро. „Бучно“ се развива одлично откако во почетокот на годината беше претставен на големите маркети „Синемарт“ во Ротердам и на Берлинскиот маркет. На фестивалот во Утрехт, Холандија, Анета Лешниковска одржа презентација на т.н. брендиран контент дел од проектот.
Оваа презентација, како што велат од продукцијата „Ака филм“, поминала одлично и Лешниковска има добиено веќе две покани да го претстави својот проект. Првата презентација ќе се одржи на 25 и 26 октомври во познатата „Бингер филм лаб��, интернационална платформа за развој на долгометражни играни филмови и за тренинг-програми. Додека од 28 до 30 октомври во Лугано, Швајцарија, по покана на директорката на EAVE, европска аудиовизуелна мрежа, ќе одржи експерт-работилница.
Почетокот на снимањето на „Бучно“, кој потпиша копродукциски договори со „Рива филм“ од Германија и „Фемили афеар филмс“ од Холандија, како што ни рече Лешниковска, се очекува некаде на средината на идната година. (С.У.)
|