03.11.2011, 13:31 Мекејлеб и Антиќ извонредни
Плејмејкерот на Монтепаски со 19 коша против Галатасарај, центарот на Олимпијакос со 14 поени против Каха Лаборал.
Плејмејкерот на македонската репрезентација, Лестер Бо Мекејлеб, продолжува да брилјира во дресот на Монтепаски. Во третото коло од Евролигата италијанскиот состав дојде и до третата победа, овојпат над Галатасарај на свој терен со убедливи 103:77.
Мекејлеб одигра 25 минути, а реализираше 19 поени со одличен шут (5/7 за два, 2/2 за три, и 4/4 за еден поен), а згора на тоа имаше и два скока, две украдени топки и четири асистенции.
Капитенот, пак, на македонската реперезентација Перо Антиќ со својот Олимпијакос претрпе тесен пораз на гостувањето кај Каха Лаборал 79:81. Грчкиот претставник беше подобар противник во поголемиот дел од натпреварот. Но слабиот шут во последните 10 минути го уништија сето она што беше добро дотогаш.
Спанулис на 25 секунди до крајот го израмни реузлтатот, за во последниот напад да реализира Приџони, што беше доволно за нова победа на Шпанците во најелитното натпреварување.
Антиќ одигра солидно. Постигна 14 коша, имаше и шест скока, но и тоа не му помогна на Олимпијакос да го избегне вториот пораз во првите три кола.
Во останатите два меча во средата ЦСКА Москва убедливо славеше во гости кај Загреб 89:47, а Олимпија на свој терен оствари победа над Проком Трефл со 70:62.
|