04.11.2011, 13:24 Мимоза Несторова Томиќ, вечерва ќе ја прими наградата „Андреја Дамјанов“
Мимоза Несторова Томиќ, дипломиран инженер архитект е годинешната добитничка на наградата „Андреја Дамјанов“ што вечерва во 19.30 часот ќе и биде доделена во црквата „Св. Богородица“ во Скопје.
Оваа награда за животно дело и особени достигања од областа на архитектурата и градителството, ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на Министерството за култура.
Творечкиот опус на арх. Мимоза Несторова Томиќ е обемен и комплексен и опфаќа проекти и реализации од сите области на архитектонската пракса. Таа е автор на урбанистички планови и студии, проекти и конкурси, реализации, ентериери, реконструкции, реставрации и публикации, а нејзиниот творечки пат е дел од историскиот развој на современата македонска архитектура.
Мимоза Несторова Томиќ е родена во Струга 1929 година. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград, по што се вработила во Институтот за народна архитектура во Скопје. По земјотресот 1963 година се приклучила во тимот за изработка на основен урбанистички план на градот, а од 1965 година работела како самостоен проектант и раководител на атељето во Градскиот завод за урбанизам и архитектура. Од 1986 година па до пензионирањето во 1989 година, била директор на Заводот за урбанизам.
За особен печат во нејзиното обемно творештво се сметаат учествата на огромен број на конгреси и симпозиуми, со комплексни реферати што се однесуваат на заштитата и ревитализацијата на урбаните јадра. (К.Б.)
|