02.11.2011, 13:52 Промоција на „Црногорска трилогија“ од истакнатиот новинар Драган Николиќ
Промоцијата на трилогијата која ги содржи романите „Куќи“, „Улиште“ и „Дим“, е по повод петгодишнината од смртта на бардот на македонското и на црногорското новинарство
По повод петгодишнината од упокојувањето на бардот на македонското и на црногорското новинарство, Драган Николиќ, утре на пладне во салата на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, ќе се одржи македонската промоција на книгата „Црногорска трилогија“, во издание на „Матица црногорска“ од Подгорица.
На промоцијата на трилогијата, воедно и на омажот посветен на истакнатиот новинар, публицист, сценарист и писател, Драган Николиќ, кој се смета за еден од ретките интелектуалци на ју-сцената, се очекува за зборуваат Бранко Бањевиќ, првиот човек на „Матица црнгорска“, Ристо Лазаров, претседател на ПЕН, како и новинарите Љубомир Гајдов и Бранко Тричковски. Драган Николиќ беше уредник на редакцијата на „Видик“ во МРТВ и колумнист на „Утрински весник“ од самото основање. Беше прогласен за колумнист на годината.
„Црногорска трилогија“ од Драган Николиќ ги содржи романите „Куќи“, „Улиште“ и „Дим“. Организатор на промоцијата е Заедницата на Црногорците во Република Македонија, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија и домаќинот - Младинскиот културен центар.
Драган Николиќ беше исклучително голем новинар и публицист. Ќе остане запаметен по своите аналитички текстови и врвното познавање на состојбите од регионот. Во својата новинарска и публицистичка работа, тој ја имаше југословенската и македонската политичка феноменологија на дланка. „Беше опремен со ексклузивна аналитика која му овозможуваше да ги гледа работите низ реалните историски, стратегиски и геостратегиски, духовни и културни, локални и регионални контексти и со помош на таа методологија да доаѓа до најадекватен поглед врз врската меѓу драмата на сегашноста и (не)извесноста на перспективите, меѓу надежта во иднината и нејзините врски со минатото и со сегашноста. Така опремен секогаш можеше да демонстрира една самурајска мудрост преку која успеваше да укаже на смирувачките моменти во ’драматичните настани‘ и на вознемирувачките моменти во ’блажениот комфор‘ што го обезбедуваат митот на минатото или стереотипите на секојдневието. Неговата верба во моќта на пишаниот збор беше поинаква од вербата на современите трагачи по спектаклите на катастрофизмот. Тој трагаше по значењата на појавностите...“, ќе запише новинарот и колумнистот Бранко Тричковски, поранешен уредник на „Утрински весник“, колега и добар пријател на почитуваниот Драган Николиќ. (Т.И.)
|