03.11.2011, 12:06 Торп се враќа по пауза од четири години
Австралиецот денеска и утре ќе учествува на Светскиот куп во Сингапур.
Еден од најдобрите пливачи на сите времиња Јан Торп, кој по четиригодишна пауза се врати во базените, денеска и утре на Светскиот куп во Сингапур повторно ќе почувствува натпреварувачка атмосфера. Австралиецот е пријавен во трките на 100 метри пеперутка и 100 метри мешано, но ги предупредува своите обожаватели.
„Само што се вратив од висински подготовки во Швајцарија и не очекувајте многу уште сега во Сингапур. Моја главна цел се олимписките игри во Лондон, а мој најголем мотив да се вратам на пливањето е желбата да бидам подобар од времето кога бев во врвот на кариерата“, изјави 29 годишниот Торп.
Во исклучително успешната пливачка кариера популарниот „Торпедо“ освои девет олимписки одличја од кои пет златни и 11 медали на светските првенства. Собори бројни рекорди, а негова специјалност беа трките на 200 метри ина 400 метри слободно. Ако успее во намерата тогаш во Лондон догодина ќе може да гледаме една од најголемите трки на 200 метри во историјата, Торп против Американеците Мајкл Фелпс и Рајан Лохте.
|