04.11.2011, 15:07 Цвета соработката меѓу Владата и бизнисот
„Намалувањето на царините за околу стотина полупроивозводи, суровини и репроматеријали во прехранбената, машинската индустрија и земјоделството се во корист на стопанството, но и на најдобар начин кој ја одразува одличната соработка меѓу Владата и бизнис-заедницата“, изјави вчера министерот за финансии Зоран Ставрески, по средбата со претставниците на стопанските комори во земјава. Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески оцени дека ова е школски пример за соработка на државата и деловниот сектор. „Стопанството сугерираше, а Владата прифати предлози за поголема конкурентност на македонското производство“, изјави Азески. Преземањето на фискалните промени особено во вакви услови на економска криза, е голем поттик за економијата, порача Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори. „Овој исклучително значаен сет на мерки кој ќе придонесе за зголемување на продуктивноста на компаниите и за развој на малите и на средните претпријатија“, истакна Чекреџи.
За Блерим Златку од Стопанската комора на северозападна Македонија намалувањето на царините, освен јакнење на конкурентноста, ќе значи и можност за формирање нови претпријатија, а оттука и за отворање нови работни места. (Г.С.)
|