07.11.2011, 14:46 Четиригодишно дете загина во излетан автомобил
Четиригодишно момче загина во сообраќајна несреќа што утринава се случи кај селото Орланци на регионалниот пат Куманово - Скопје.
Според полицијата, околу 9 часот, од коловозот излетал и се превртел автомобил „калос“, управуван од Е.О. (49). Нејзиниот внук Адан Мурати, кој со неа се возел во автомобилот, се здобил со смртоносни повреди, додека таа е пренесена во Ургентниот центар во Скопје. Надлежните извршија увид и ги истражуваат причините за трагедијата.
Ова е четврта жртва во изминативе неколку дена. Во петокот во страотна несреќа кај беровското село Будинарци загинаа три момчиња, кога со автомобилот „ауди 4“ удриле во камион. Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) укажуваат дека за седум до осум проценти е зголемен бројот на жртви во сообраќајот во првата половина од годинава во споредба со истиот период лани. Според нив, најчеста причина за незгодите се непочитување на правилата и прописите во сообраќајот.
„За жал, годинава имаме поголем број жртви во сообраќајот. Иако имавме четиригодишен негативен тренд, односно секоја година се намалуваше бројот на жртви, сега првпат по четири г��дини имаме зголемен број жртви. Затоа е време да почнеме да правиме уште повеќе од она што сме го правеле досега и да се потрудиме бројот на жртви да биде што е можно помал“, смета Тоше Јанев од РСБСП. Тие најавуваат низа активности (телевизиски буквар составен од 10 кратки филмови наменет за едукација на децата, печатење флаери и информативни материјали, крводарителска акција, богослужби...)
во текот на месецот со кои ќе се подигне јавната свест за безбедност во сообраќајот и ќе се одбележи 20 ноември - Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди.
Според билансот на Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци годинава во сообраќајки загинале 67 лица, но таа бројка веќе е троцифрена. Најчесто се гине поради брзо и неприспособено возење спрема условите од патот, непочитување на правилата за првенство на минување, недржење прописна страна и правец на движење со возилата, непрописно престигнување, непрописни разминување и управување со возилата под дејство на алкохол. Дел од причините за трагичните незгоди се и техничката неисправност на возилата, како и лошата патна мрежа.
Во 2007 година во земјата загинале 199 лица. Во 2008 година сообраќајките одзедоа 162 живота, а во 2009 речиси исто - 160. Лани, на патиштата згаснаа 162 живота. (Г.А.)
|