06.11.2011, 11:26 Претседателот Иванов со честитка за Курбан Бајрам
Претседателот Ѓорге Иванов на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија им го честита големиот муслимански празник Курбан Бајрам.
По повод празникот, Иванов испрати честитка до претседателот на Исламската заедница во Република Македонија Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.
- Курбан Бајрам е празник на солидарноста, споделувањето и зближувањето, ден кога благосостојбата и подава рака на сиромаштијата, ден кој ги нагласува сите човечки доблести. Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија споделувајќи љубов со ближните. Токму во овој дух нека помине и годинешново празнување, во кое сите граѓани на Република Македонија, со почит и разбирање ќе ги споделат заедничките вредности на хуманизам, помагање и солидарност, наведува Иванов.
На искушенијата и предизвиците со кои нашето општество и држава се соочуваат, можеме да одговориме, порачува Иванов, само преку заедничкиот јазик на единството.
- Само обединети можеме да чекориме по патот на успехот и напредокот. Овој празник нека не обедини во нашите заеднички заложби за изградба на проспер��тетна Република Македонија. Уверен сум дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, како нераскинлив дел од македонското општество и понатаму ќе бидат активни чинители во градењето на соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија, стои во честитката на претседателот Ѓорге Иванов по повод Курбан Бајрам.
|