04.11.2011, 15:14 Затворски казни за „Јака Табак“
Екс-директорот на Бирото за стокови резерви и генералниот дикректор на „Јака Табак“ се осудени на по пет години затвор
По четири години од почетокот на судскиот процес, скопскиот кривичен суд вчера ја изрече првостепената пресуда за случајот „Јака Табак“ и злоупотребите со државните резерви на тутун.
На по пет години затвор се осудени поранешениот директор на Бирото за стокови резерви, Радован Поповски и Ѓеорги Теневски, генерален директор на „Јака Табак“. На по три години затвор судот ги осуди обвинетите Димитраке Ѓеоргиев, поранешен генерален директор на радовишката компанија, финансовата директорка Татјана Крстева и Магде Накева, директорка на Секторот за економско-финансиски услуги. На четири години затвор е осуден Васил Ристовски, помошник на генералниот директор.
На ефективна затворска казна од една година судот го осуди обвинетиот Страшо Нелковски. Станува збор за член на на Комисијата за проценка на квалитет, квантитет и старост на тутун кој доби ефективен затвор, додека другите членови на Комисијата: Владимор Небрежановски, Даме Пеливавски, Саботко Стојкоски, Димитрија Ѓорѓијоски и Валентина Ристова беа осудени на условна затворска казна во траење од три години.
На казна затвор од две години која се заменува за условна казна во времетраење од пет години судот ги осуди државната правобранителка од Струмица, Мирјана Панајотова и извршната судија Роза Делева.
Согласно пресудата, обвинетите се задолжени од судот да ја надоместат штетата од 154 милиони денари, а Поповски и Теневски уште седум милиони денари. Обвиниетите вчера гласно ја манифестираа нивната шокираност од изречените санкции и најавија жалби до повисокиот суд.
Во својата кратка елаборација судијата Зоран Димитриевски рече дека за судот нема дилеми дека тутунот бил продаден уште кон крајот на 2006 година, дека се земале кредити и дека од државните резерви на тутун недостасуваат 207.551 килограми тутун. Судот потсети дека Јавниот обвинител се повлекол од прогон кон Васе Симовска-Бошкова, а го пофали примерното однесување на сите обвинити и рече дека сите тие до правосилност на пресудата ќе се бранат од слобода.
Случајот на „Јака Табак“ е еден од првите кои потпадна под ингеренциите на Одделението за гонење на организиран криминал при Јавното обвинителство. Случајот беше отворен во септември 2007 година, а судењето започна неколку месеци подоцна. Судската постапка двапати почнување од почеток, се случи и промена на судечкиот совет, за по четири години предметот да биде затворен. (Љ.С.)
|