05.11.2011, 00:41 Нема крај на грчкиот политички трилер
Владата на Папандреу доби доверба до 153 гласа, Папандреу понуди индиректно оставка и коалициска влада, опозицијата одби.
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Сценаријата за разврска на грчката политичка криза продолжуваат. Владата на Папандреу доби доверба до 153 гласа, Папандреу понуди индиректно оставка и коалициска влада, опозицијата одби. Опозициската Нова демократија не ја прифаќа понудата на грчкиот премиер Јоргос Папандреу за коалициска влада. Моменти по завршување на говорот на Папандреу во кој индиректно ја понуди својата оставка и формирање нова коалициска влада во договор со опозицијата, лидерот на Нова демократија Адонис Самарас ја отфрли оваа понуда и се врати на барањето за итни избори. "Маските паднаа. Папандреу ги отфрли сите наши предлози. Одговорностите кои ќе се сносат се огромни. Единственото решение се избори", изјави Самарас. Неговата изјава веднаш стави поинаков крај на сценариото кои сите помислија дека завршува со оставка на Папандреу.
Грчкиот премиер доби доверба, но повторно е неизвесно што ќе се случува. Во говорот пред гласањето грчкиот премиер најави дека ако вечерва добие доверба од Парламентот ќе го информира грчкиот претсе��ател дека веднаш започнува преговори со опозицијата и останатите партии за формирање коалициска влада. Премиерот индиректно најави своја оставка со зборовите дека со партиите ќе дискутираат за лидерот на новата влада, нејзините цели и лицата кои ќе ја сочинуваат. Главен приоритет на новата коалициска влада според Папандреу ќе беше изгласување и имплементирање на новиот договор од ЕУ за нова финансиска помош 0д 103 милијарди евра и бришење на 100 милијарди од државниот долг, како и договор со европските партнери за сигурно исплаќање на шесттата рата од финансиската помош на Грција.
На големо изненадување веднаш по набројувањето на економските приоритети, Папандреу спомена дека еден од основните приоритети на коалициската влада би требало да е спорот за името. Најави дека наскоро ќе има одлука од меѓународниот суд во Хаг за тужбата меѓу Македонија и Грција и дека новата влада ќе мора да вложи напори веднаш да реагира соодветно и да се справи со одлуката и спорот со името меѓу двете држави.
Иако немаше веднаш реакција на коментарот на Самарас, Папандреу во својот говор спомена дека избори во овој момент не се добар збор од практични причини, односно дека не смее да се дозволи да се оди на избори без да се имплементира новиот договор и без да се осигура исплаќање на шесттата рата. Папандреу во говорот на неколку пати потенцираше дека треба сите лични и партиски интереси да се остават на страна и да се фокусираат на иднината на државата. Вицепремиерот на владата и министер за финансии, Евагелос Венизелос во парламентот пред гласањето изјави дека новата коалициска влада која би се формирала ќе раководи со државата минимум до фебруари. Неговото име во медиумските шпекулации се споменува и како потенцијален нов премиер на државата.
Останува да се види што понатаму. Пратениците од ПАСОК очекуваат дека Папандреу изутрина заминува кај претседателот Папуљас да даде предлог за коалициска влада, како и дека Самарас добро ќе размисли и можеби ќе излезе со поинаков предлог. Она што се претпоставува е дека какво и да биде следното сценарио за грчка влада Нова демократија би гласасе за финансискиот пакет, но не и за пропратните мерки кои ќе дојдат со тој пакет. Медиумите шпекулираа и за можна коалиција меѓу Папандреу, ултра-десничарите ЛАОС и партијата на Дора Бакојани, но се чини дека и таа опција паѓа во вода како недоволно силна за влада која ќе мора да донесе и изгласа многу важни одлуки за Грција.
Почнува нов чин во најстресната драма во новата грчка историја.
|