04.11.2011, 23:26 Полноќна драма во Атина, Папандреу на чекор до крајот
Премиерот индиректно најави своја оставка со зборовите дека со партиите ќе дискутираат за лидерот на новата влада, нејзините цели и лицата кои ќе ја сочинуваат.
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грчкиот премиер Јоргос Папандреу стави крај на еднонеделниот политички трилер- ако вечерва добие доверба од Парламентот веднаш ќе го информира грчкиот претседател дека од утре започнува преговори со опозицијата и останатите партии за формирање коалициска влада. Премиерот индиректно најави своја оставка со зборовите дека со партиите ќе дискутираат за лидерот на новата влада, нејзините цели и лицата кои ќе ја сочинуваат.
Сосема неочекувано премиерот првата порака која ја упати до новата влада која би се формирала деновиве беше справување со спорот за името. Најави дека наскоро ќе има одлука од меѓународниот суд во Хаг за тужбата меѓу Македонија и Грција и дека новата влада ќе мора да вложи напори веднаш да реагира соодветно и да се справи со одлуката и спорот со името меѓу двете држави.
Гласањето за доверба почнува за кусо време, но не е речиси никакво изненадување дека пратениците ќе му изгласаат доверба. Во текот на денот повеќето од нив како предуслов за изгласување доверба го поставија условот премиерот да понуди оставка и коалициска влада.
|