07.11.2011, 15:29 Берлускони негира дека ќе поднесе оставка
Италијанскиот премиер Силвио Берлусксони денеска лично ги негираше информациите што ги пласираа двајца новинари, кои важат за блиски до него, дека е можно да поднесе оставка на премиерската функција.
- Гласините за моја оставка се неосновани, напиша Берлускони на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Тврдењата за оставка на Берлускони ги негираше и шефот на Пратеничката група на владејачката партија Народ на слободата (ПДЛ), Фабрицио Чикито.
- Разговарав со премиерот пред неколку минути и тој ми кажа дека гласините за негова оставка се неосновани, изјави Чикито.
Тврдењата дека Берлускони ќе поднесе оставка ги пласираа уредникот на весникот „Фолио“ и поранешен италијански министер Џулијано Ферара и заменик-директорот на весникот „Либеро“, Франко Бекис.
Ферара, кој важи за човек близок на Берлускони, на својот сајт објави дека италијанскиот премиер „е на пат да поднесе оставка“. - Тоа е прашање на часови, а некои велат и на минути, напиша Ферара.
Бекис, пак, чиј весник го поддржув Берлускони, на својот профил на Твитер напиша дека премиерот „ќе поднесе оставка до вечерва или најдоцна утре изутрина“.
Најавите за оставката на Берлускони доаѓаат пред неговата денешна средба со најблиските соработници во вилата Аркоре крај Милано, во услови на зголемени тензии на финасискиот пазар во Италија и нараснатиот притисок врз италијанскиот премиер да се повлече од функцијата.
|