07.11.2011, 13:36 Бан Ки-мун загрижен поради влошување на безбедноста на Косово
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изрази загриженост поради влошување на безбедносната ситуација на Косово, истакнувајќи дека бројот на насилните инциденти против српското население се зголемил по обидот на косовските власти да воспостават контрола на граничните премини во северниот дел.
- На целосната безбедносна ситуација негативно влијае обидот на косовските власти во јули да ја потврдат контролата над Јариње и Брњак, се наведува во извештајот за периодот од 16 јули до 15 октомври, објавен на сајтот на ОН.
Тој нагласува дека косовските власти на 25 јули се обиделе на овие два премина да распоредат припадници на Специјалната единица на косовската полиција - РОСА , како и дека потегот е повлечен без координација со меѓународната заедница. Во извештајот се истакнува и дека бројот на инциденти врз припадниците на малцинаствата на Косово е зголемен за 24 отсто.
- Развојот на настаните во сверниот дел на Косово во периодот на изработката на извештајот силно укажува на тоа дека основните, нерешени прашања претставуваат опасност за мирот и безбедноста во регионот. Загрижен сум не само поради влошување на безбедносната ситуација на теренот поради неодамнешните случувања, туку и поради влошување на меѓуетничките односи ширум Косово, поларизација на политичките позиции и ширење на јазот меѓу заедниците северно и јужно од реката Ибар, објаснува генералниот секретар на светската организација.
За разлика од претходниот период, наведува Бан Ки-мун во извештајот, постигнат е само ограничен напредок во дијалогот под покровителство на ЕУ меѓу Белград и Приштина, главно поради случувањата во Северно Косово.
Тој, исто така, изрази надеж дека членките на Советот за безбедност на ОН ќе испратат јасна порака до Приштина и Белград да преземат одговорност со цел да се намалат тензиите и да се спречи повторно избивање насилство во северниот дел на Косово.
СБ на ОН најновиот извештај за ситуацијата на Косово ќе го разгледа на седница, кој треба да се одржи на 29 ноември.
|