07.11.2011, 15:32 Очевиците сведочеа дека Мартин бил брутално претепан
Гологлав и атлетски тип го удирал момчето по главата и телото, се додека не паднало на земја. Еден од сведоците забележал дека има тетоважа.
Љубиша Станковиќ
Петмина сведоци беа распрашани на денешното продолжение на судскиот процес кој се води против припадникот на полициските „тигри“, Игор Спасов, обвинет за убиство со умисла на младиот Мартин Нешкоски.
Сите петмина сведоци и очевидци на трагичниот настан, кој се случи на 6 јуни на скопскиот плоштад плоштад ги потврдија исказите дадени за време на истрагата. Тие сведочеа дека гологлав и атлетски тип го удирал момчето по главата и телото, се додека не паднало на земја. Еден од сведоците забележал дека има тетоважа.
Прв пред петчлениот судски совет сведочеше Д.К. и според неговото кажување критичната вечра тој забележал за него непознато лице како крвнички тепа некое момче. Сведокот рече дека токму оној кој што го тепал го ставил сега покојниот Мартин Нешкоски на клупа, а потоа од еден од штандовите кои во тоа време биле поставени на плоштадот „Македонија“ зел шише со вода. Непознатиот се обидувал да го освести Мартин со прскање со вода и со ��дирање шлаканици, но тој не реагирал. Сведокот потврди дека Нешкоски бил удиран по глава и тело со клоци и боксови и дека насилникот носел пиштол на појасот.
И сведокот В.А. потврди дека ноќта имало бркотница на плоштадот „Македонија“ и дека имало удирање на боксови по глава и клоци по телото, а кога момчето паѓало, тој му ја удрил главата од клупа.
Овој сведок се пожали на односот на судот кон него и рече дека вработена во судот, уште во текот на истрагата, го обелоденила неговиот идентитет, со што ја загрозила неговата безбедност. Тој во целост ги опиша настаните од шести јуни и кажа дека насилникот на себе носел фармерки, маица со кратки ракави, бели патики и дека имал нешто врзано на половината.
Сведокот Ф.Г. исто така, даде опис на лицето кое што тој го видел критичната вечер на плоштадот „Македонија“ и рече дека тој имал видлива тетоважа на левата рака. И овој сведок говореше за тепачот, двајцата униформирани полицајци и за цивил со висина од 190 сантимиетри, а кој учествувал во преместувањето на телото на Мартин кон паркиногот кај МЕПСО.
Со идентични кажувања, како во истражната постапка, вчера излегоа и другите двајца сведоци. На единствениот сведок А.М. кој кратко време по убиството на Мартин успеал да разговара со насилникот, не му беше дозволено да сведочи, бидејќи со себе немаше лични документи, но и поради тоа што со исто име и презиме, во истрагата, се појавил уште еден сведок.
Јанкулоска: Ќе му дозволиме на Спасов да зборува
МВР доколку добие барање од судот за декласифицирање на информации во постапката против припадникот на тигрите, Игор Спасов ќе го разгледа и нема причина зошто да не го одобри. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за „Утрински весник“ вели дека се уште не добиле вакво барање од судот, но доколку им биде испратено, тоа ќе биде разгледано за да се види конкретно за кој дел од декласифицираните податоци се однесува. Но, начелно, според неа, не би требало да има проблем да се одобри декласифицирање на информациите, бидејќи тоа било правено и претходно, за многу почувствителни случаи.
„И досега сме излегувале во пресрет на барањето на судот за пристап до одредени класифицирани податоци, како во случајот „Планинска бура“. Од судот ќе зависи дали податоците ќе бидат декласифицирани само за судијата или и за јавноста. Станува збор за посебна постапка, но во принцип и досега сме декласифицирале податоци“, вели Јанкулоска. Според неа, сите службени белешки се веќе испратени до судот и смета дека нема ништо надвор од тоа што би можело да биде декласифицирано.
Адвокатот на обвинетиот „тигар“, Ване Андреев најави дека ќе поднесе барање за симнување на обврската за чување на службена тајна. Според Андреев, барањето е готово само се чека на потпис од роднините на обвинетиот, кои го ангажирале како адвокат во постапката.
Барањето за ослободување од обрска за чување на службена тајна доаѓа по само една недела по сведочењеот на обвинетиот Игор Спасов. Тој на неколку пати побара од судот да не одговара на некои од поставените прашања, бидејќи бил под обврска да чува службена тајна. Спасов го замоли судот, по службен пат, да побара од МВР да го ослободи од обрската, но му беше одговорено дека тоа треба самиот да го направи.(Д.Т.-Љ.С.)
|