04.11.2011, 14:03 Шахистите поведоа, па загубија
Македонија поразена од Израел со 3-1 на стартот на ЕП во Грција, Георгиев го победи Родштајн.
Очекуван пораз на шаховската репрезентација на Македонија на стартот од 18. Европско првенство во грчкиот град Порто Карас, каде што избраниците на селекторот Драгољуб Јаќимовиќ изгубија од 11-рангираниот Израел со 3-1, иако поведоа преку велемајсторот Владимир Георгиев (2553) на првата табла. Тој со црни фигури го совлада ВМ Максим Родштајн (2645), по што натпреварот се разви во повеќе од петчасовна пресметка, во која еден по еден капитулираа интермајсторот Филип Панчевски (2442), по него ВМ Трајко Недев (2493) и на крајот ВМ Звонко Станојоски (2470). Подобар од Панчевски на третата табла беше ВМ Михаел Роиз (2651), Недев на втората беше поразен од шампионот на 2. Поединечно ЕП во 2000 година во Охрид, ВМ Емил Сутовски (2696), а Станојоски на последната е поразен од ВМ Евгениј Постни (2640).
По првото коло Македонија е на 31. место меѓу 38 земји-учеснички, а нејзин противник во вчерашното коло беше Црна Гора. Според просечниот рејтинг од 2492 поени, македонскиот состав го почна турнирот како 30. на стартната табела. Прв фаворит е Русија со 2758, а титулата од претходното ЕП 2009 во Нови Сад ја брани Азербејџан, ко�� во Порто Карас е трет носител со 2727. Највисоко рангиран меѓу 187 шахисти, од кои 134 велемајстори, е ВМ Левон Аронјан (2802) од Ерменија, трет на најновата рејтинг-листа на ФИДЕ од 1 ноември.
Екипниот еврошампионат се одржува од 3 до 11 ноември во девет кола според Швајцарски систем и по класично темпо на игра. Партиите се играат во Олимпискиот конгресен центар со површина од 1.500 квадратни метри во рамките на „Порто Карас гранд ресорт“, во кој шестчлената македонска експедиција пристигна со автомобили. (Р.Д.)
Резултати од првото коло: Русија – Молдавија 2,5-1,5, Словенија – Украина 1-3, Азербејџан – Италија 2,5-1,5, Австрија – Ерменија 0,5-3,5, Унгарија – Данска 3-1, Шведска – Франција 2-2, Бугарија – Швајцарија 2,5-1,5, Летонија – Англија 1,5-2,5, Холандија – Финска 2-2, Црна Гора – Германија 1-3 итн.
Табела: Романија 2 (4), Србија 2 (4), Грција 2 (4), Украина 2 (3,5), Ерменија 2 (3,5), Чешка 2 (3,5) итн.
|