07.11.2011, 11:15 Венецуелскиот терорист Карлос призна дека убил околу 2.000 луѓе
На прашање на весникот колку цивилни жртви има во неговите терористички напади, Карлос, чие име е Илич Рамирез Санчес, одговори дека тие се многу малку.
Венецуелскиот терорист Карлос, кој денеска повторно ќе биде изведен пред суд во Франција, во интервју за венецуелскиот весник „Насионал“ за прв пат ја презеде одговорноста за стотина напади, во кои загинале меѓу 1500 и 2.000 лица, пренесуваат француските медиуми.
На прашање на весникот колку цивилни жртви има во неговите терористички напади, Карлос, чие име е Илич Рамирез Санчес, одговори дека тие се многу малку.
- Според мои пресметки цивилните жртви се не повеќе од 10 отсто од вкупниот број. Меѓу убиените 1.500 и 2.000 лица цивилните жртви се не повеќе од 200, изјави тој во интервјуто, дадено телефонски од затворот во Франција на 27 и 28 октомври.
Главните терористички акти, за кои Карлос е осомничен како организатор или извршител, се изведени во периодот од крајот на 1973 до почетокот на 1984 година. Во нив загинале најмалко 20 лица, посочуваат француските медиуми.
Досега тој ја презел одговорноста единствено за грабнувањето на 70 заложници во централата на ОПЕК во Виена во декември 1975 година, при што загинаа три лица.
Овој 62-годишен Венецуелец за „Насионал“ изјави дека под негова координација се извршени над 100 терористички напади.
Карлос признава дека дозволил некои мали грешки и се споредува со кубанскиот претседател Фидел Кастро. Убеден дека ќе биде ослободен од затворот, Карлос изјави дека ќе се приклучи кон владата на венецуелскиот претседател Уго Чавес.
Карлос е во затвор од 1994 година. Во текот на 1997 година беше осуден на доживотен затвор за убиството во Париз во 1975 годфина на двајца полицајци и информатор.
|