06.11.2011, 22:40 Крај на грчкиот трилер, новата влада без Папандреу!
Грчките лидери се договорија. Новата недела ќе донесе нова преодна, коалициска влада.
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грчките лидери се договорија. Новата недела ќе донесе нова преодна, коалициска влада. Јоргос Папандреу по само две години ќе замине од премиерската позиција.
Договорот за новата влада падна на средбата меѓу премиерот Јоргос Папандреу, лидерот на опозицијата Адонис Самарас и грчкиот претседател Каролос Папуљас во претседателската резиденција. Во соопштение од претседателскиот кабинет информираа дека новата коалициска влада ќе оди на избори веднаш по имплементирање на договорот од ЕУ самитот на 26 и 27 октомври за нов заем, кратење на грчкиот долг и условите кои доаѓаат со него.
"На средбата беше договорено формирање на нова влада која ќе има за цел да распише избори веднаш по имплементирањето на одлуките од самитот на 26 Октомври. Уште веднаш ќе има средба на претставници од двете стран за да се договорат временската рамка и насоките и обврските кои се потребни за имплементирање на одлуките. Премиерот Јоргос Папандреу веќе изјави дека нема да биде лидер на новата влада", с��ои во соопштението на кабинетот на претседателот.
Вечерва две групи пратеници од Нова демократија и од ПАСОК под раководство на вицепремиерот и министер за финансии ќе се сретнат за да започнат преговорите за новата влада. Утре, понеделник ќе има нова средба меѓу премиерот Папандреу и Самарас за да се договорат детали за владата и да се одлучи за новиот премиер. Покрај средбата Папандреу- Самарас, грчкиот претседател понеделнички ќе свика и лидерска средба на лидерите на сите поголеми политички партии. Од комунистичката партија веднаш изјавија дека немаат намера да присуствуваат на лидерската средба.
Како потенцијален премиер се спомнува интензивно името на Лукас Пападимас, поранешен вице-претседател на Европската централна банка.
Иако еднонеделниот политички трилер конечно доживеа расплет, останува да се види за колку време Папандреу и Самарас ќе ги договорат лидерот и деталите за функционирањето на новата влада.
|