07.11.2011, 12:58 Сирачето од Венецуела стана најубава жена во светот
Дваесет и двегодишната Ивијан Саркос беше прогласена за Мис на светот 2011 на церемонија што се одржа завчеравечер во центарот „Earls Court“ во Лондон.
„Бев многу среќна кога ме прогласија за победничка. Сакав да викам, да плачам, но гледав да останам мирна и се смеев. Ме преплавија емоции“, изјави Ивијан Саркос (22) од Венецуела, која во неделата вечер на гала церемонија во Лондон ја понесе титулата Мис на светот за 2011 година.
Шеесеттото издание на најголемиот избор на убавина што се одржа во лондонскиот центар „Earls Court“ и ја донесе најголемата победа на Ивијан, за која животот не бил баш лесен. Уште како мала останала без родители, поради што минала пет години школувајќи се во женски манастир. Нејзиниот план бил да стане милосрдна сестра, но животот ја одвел во сосема поинаков правец- дипломирала во областа на човечки ресурси и се вработила како службеничка во една медиумска куќа.
„Благодарна сум на оваа можност“, заклучи новата Мис на светот која ја наследи круната од минатогодишната победничка Александра Милс од Америка. Мис Венецуела беше и најголем фаворит на обложувалниците. „Оваа победа ми значи се и се надевам дека ќе ја искористам во продуктивни цели. Неизмерно сум среќна. Прво сакам да им помогнам на оние на кои им е најмногу потребна помош. На луѓе како мене. Јас сум сираче. Би сакала да им помогнам и на проблематичните тинејџери“, изјави Ивијан која е родена во семејство со 12 браќа и сестри.
Најпознатиот натпревар на убавина кој оваа година се одржа во Лондон во чест на јубилејот- целата приказна започна во 1951 година во престолнината на Велика Британија, на македонската претставничка не и донесе ништо посебно- според неофицијалните податоци деветнаесетгодишната стружанка Весна Јакимовска заврши на 111 место, а на финалето се претстави во елегантен црн фустан со етноелементи од колекцијата „Меч“ на дизајнерот и моден новинар Небојша Толески.
За прва придружничка на Мис на светот беше прогласена Мис Филипини, а како втора заврши Мис Порторико.
На сцената во Лондон продефилираа 113 убавици од повеќе земји ширум светот, а програмата се пренесуваше во живо во повеќе од 150 земји. Манифестацијата, според проценките, ја проследиле повеќе од милијарда гледачи. Во времето на нејзино одржување, пред центарот „Earls Court“ се собраа околу 50 феминистки кои демонстрираа, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Да се биде жена не е натпревар“ и „Сексизмот е многу грд.“
Наредната година домаќин на изборот Мис на светот ќе биде кинескиот град Ордос. (К.Ш.)
|