03.11.2011, 15:26 „Калигула“ на Зоја Бузалковска во Прилепски театар
Со познатиот текст на Албер Ками, режисерката Бузалковска се обидува да направи претстава во која ќе проговори за она што се случува во земјава и во светот.
Ансамблот на Прилепски театар утре вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Зоја Бузалковска.
Ова е втора соработка на режисерката со овој театар по изведбата на претставата „Таму каде не сум бил“. Но, како што вели Бузалковска, во „Калигула“ станува збор за сосема поинаков приод за разлика од претходниот проект. Сега, претставата ќе се игра на голема сцена со околу 16 актери.
„Албер Ками текстот почнал да го пишува со раѓањето на нацизмот и го пишува во текот на Втората светка војна, па се' до 1957-1958 година, така што идеите внатре се трансформираат. Почнал со текст што се занимава со смислата за постоењето, а потоа се идеите за побунетиот човек. Токму тие пораки од побуната на човекот, од неговиот револт е интересот во претставата“, вели Бузалковска. „Се обидов да направам претстава во која ќе проговорам за она што се случува не само во земјава, туку во целиот свет. Последниве години ’Калигула‘ се поставува на многу сце��и и текстот не е случаен, зашто на некој начин претставува отворена пресметка со материјалното, со интересот, со профитот и своеволието во светот преку самоволие.“
За актерот Александар Степанулески, кој го игра насловниот лик, актуелноста на текстот е многу присутна, многу тукашна, не само кај нас, не само на Балканот, туку и во Европа и во светот. „Како луѓе стануваме рамнодушни на се она што е емоција. Човекот денес почнува да станува се порамнодушен“, вели Степанулески.
Во претставата играаат и Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчевски, Трајче Иваноски, Никола Настоски, Димитар Црцороски, Зоран Иваноски, Александар Тодески, Андон Јованоски, Најдо Тодески , Милан Секулоски, Наташа Наумоска, Марија Спиркоска-Илијески. Сценограф е Костантин Трпеноски, костимите се на Лира Грабул, а изборот на музиката е на режисерката Бузаковска. (К.Р.)
|