03.11.2011, 12:12 Спомен куќата на Тоше пред огромен триумф
Еден ден пред официјалното завршување на гласањето (4 ноември), Спомен куќата води убедливо пред останатите финалисти во трката за најдобар објект по избор на публиката во 2011 година.
Спомен куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево, дело на архитектите Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски, се наоѓа пред огромен триумф. Еден ден пред официјалното завршување на гласањето (4 ноември) и прогласување на победникот, Спомен куќата води убедливо пред останатите финалисти во трката за најдобар објект по избор на публиката во 2011 година, според гласовите на светската јавност која избира по електронски пат на вебстраницата на Open buildings. Во текот на вчерашниот ден нашиот кандидат имаше повеќе од 14.700 гласови, позиционирајќи се пред проектот „Атмосфера“ во Калкута, Индија и Музејот на сеќавање и толеранција во Мексико сити, Мексико, кои имаат двојно помалку гласови (помалку од 7.000).
Во изборот за најдобар објект учествуваа 704 проекти од целиот свет, а победникот се очекува да биде објавен денеска во Барселона, во рамките на доделувањето на наградите на светскиот фестивал за архитектура и фестивалот за ентериер „Inside World Festival“. Најавено е и претставување на проектот од страна на македонското архитетско трио на Спомен куќата на Тоше во Барселона, кое наредниот месец ќе го презентираат своето дело и на изложбата на интернационалното биенале „Леонардо“ во Минск. (К.Ш.)
|