08.11.2011, 15:09 Царина со нова електронска услуга за компаниите
Царинската управа денеска ја презентира интерактивната мапа, која се наоѓа на нејзината веб страница, a преку која компаниите ќе може да добијат информации за царинските испостави, како и тоа кои царински постапки може да се извршат.
Преку неа може да се видат сите царинарници, царински испостави и гранични премини во Република Македонија, заедно со информацијата за дозволените царински постапки, евентуалните ограничувања за извршување определени царински постапки, како и присуството на инспекциските органи во секоја организациска единица на Царинската управа пооделно. Мапата содржи и јасни ознаки за пристапни патишта (регионален пат, автопат, железница или аеродром) до организациските единици на Царинската управа.
Од таму истакнуваат дека таа е едноставна за користење од страна на компаниите.
Директорот Ванчо Каргов посочи дека ставаат се повеќе акцент на електронската поддршка на економските оператори и оти покрај оваа нова услуга, доста користена е услугата за електронското поднесување барања до Царината, а се подготвуваат и нови содржини.
Компаниите може да поднесат електронски барања за над 30 барања, а се работи на нивно проширување. Електронското поднесување на барањата, посочи Каргов, помага побрзо да се процесуираат барањата. За целосно да се отфрли хартиениот начин на поднесување барање, ќе почне да се применува електронскиот потпис, кој е во пробна фаза, а за што барање доставиле 9.262 компании.
Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов истакна дека ова е прифатено од компаниите бидејќи им се намалува времето и е во насока на поедноставувањето и олеснување на постапките.
|