09.11.2011, 13:51 Јовановски: Дисциплината е основа на се
„Железниот Ѓоре“ промовиран во нов тренер на Работнички. Поранешниот селектор ќе се обиде да го избави тимот од резултатската криза и да обезбеди деветто учество во фудбалска Европа на крајот на сезоната
Сашко Ѓ. Димовски
Ѓоре Јовановски е човекот што треба да го избави Работнички од резултатската криза во која западна и да му обезбеди деветто учество во фудбалска Европа на крајот на сезоната. Еден од најтрофејните тренери во домашната сцена денеска беше промовиран за нов тренер на дебармаалци. При враќање во старото јато „Железниот Ѓоре“, поборник на тимска работа, ред, дисциплина и принципи, најави дека ќе нема радикални промени во играчкиот кадар во паузата меѓу есенската и пролетната полусезона бидејќи тоа можело негативно да се одрази врз колективот во Градски парк.
„Дисциплината е основа на се. Ако во едно семејство нема дисциплина и одговорност тогаш бракот се распаѓа. Така е и во фудбалот. Методите на работа на тренинзите може да се менуваат со време, со развој на технологијата, но принципите остануваат исти“, порача Ѓоре Јовановски кај кого нема млади и стари фудбалер туку има добри и лоши.
Добар дел од фудб��лерите што ги наследи од Петрески добро ги познава и со најголем дел од нив ќе се обиде да го врати клубот на позициите на табелата што објективно му припаѓаат и да обезбеди излез во меѓународната сцена. Тоа впрочем ќе биде основна цел на Работнички на 31 мај во 2012 година кога и завршува усниот договор меѓу Јовановски и првиот човек на „романтичарите“, Драган Поповски. Дали до неа ќе се стигне преку првенството или националниот куп е неважно, важно е мисијата да се исполни. Тоа што се случувало во минатото не го интересира, фокусиран е единствено на иднината, на враќање на самодовербата кај играчите и на прекинување на лошата низа резултати во шампионатот.
„Амбициите на Работнички секогаш се однесува на освојување на шампионска титула и на излез во Европа. Екипата моментно е во криза, но низ криза минувале и многу поголеми клубови. Од неа треба да се излезе многу посилен. Во тоа е големината на самите клубови“, вели Јовановски кој еден период седеше и на клупата на македонската репрезентација покрај клупските ангажмани во Вардар, Слога Југомагнат, Милано, Самсунспор и софиска ЦСКА.
Иако има многу трофеи во домашното првенство и завидна акумулација на интернационално искуство, сепак, Ѓоре Јовановски цврсто е на земја. И самиот е свесен дека го очекува сериозна работа до крајот на сезоната за евентуално продолжување на соработката со Работнички и по неа.
„Минат труд не се признава, се признава сегашност и иднина. Таква е тренерската работа“.
На Јовановски ќе му асистираат Борче Мицевски, Павел Неделковски и Зоран Мицевски како тренер на голманите. Првиот официјален меч за новиот стручен штаб на дебармаалци ќе биде на 16 ноември во Кичево во реванш четвртфиналето во Купот на Македонија против Напредок. „Романтичарите“ ќе патуваат со позитива од 4:1 по првиот натпревар.
|