09.11.2011, 13:20 Турскиот новинар и режисер Џан Дундар, гостин во Скопје
Утре ќе биде прикажан документарецот „Жолтиот зејбек“ во чест на Кемал Ататурк.
Во рамките на спомен-програмата што денеска ќе се одржи во чест на турскиот револуционер и прв претседател на Република Турција, Мусатафа Кемал Атататурк, утре и во следните три дена во Скопје гостува познатиот колумнист, истражувач, новинар, автор и режисер на документарни филмови, Џан Дундар. Во киното „Рамстор“, утре во 14 часот ќе биде прикажан неговиот документарен филм „Жолтиот зејбек“, прв пат прикажан во 2008 година. Филмот го прикажува Кемал Ататурк како обичен човек со сите свои стравови и страсти, а не како национален херој. За ова дело, режисерот Џан Дундар доби остри критики во Турција.
Пред проекцијата на филмот, од 12 до 13 часот, Дундар ќе одржи средба со сопствениците на македонските издавачки куќи.
Џан Дундар е роден во 1961 година во Анкара. Откако го завршил образованието за новинарство во Англија и Турција, магистрирал и докторирал политички науки и јавна администрација на „Анкарскиот универзитет“. Работел како новинар во ТРТ телевизија и како водител на една од најпознатите документарни програми „32 Ден“. Колумнист е во весниците „Ново столетие“ и „Утро“ и „Милијет“. Автор е на повеќе од 20 документарни филмови, како и на дваесетина книги.
|