09.11.2011, 10:24 Четири лица се повредени во земјотресот во Турција
Четири лица се повредени во земјотресот, кој рано изутринава ја погоди источна Турција.
Земјотресот со интензитет од 5,6 степени според Рихтеровата скала е регистриран во источниот округ Ван, кој на 23 октомври беше погоден од разурнувачки земјотрес со интензитет од 7,2 степени.
Епицентарот на денешниот земјотрес бил во езерото Ван, кое е најголемото во Турција и се простира на територијата на два окрузи, Ван и Битлис.
Земјотресот е почувствуван и во двата округа. Нема информации за материјална штета, а настраданите лица се здобиле се повреди додека се обидувале да ги напуштат своите домови.
Во градот Ерџиш, кој беше најпогоден од земјотресот на 23 октомври, момче скокнало од балконот и паднало на бетонска плоча. Момчето е хоспитализирано со потрес на мозокот и скршеници. Уште три лица се повредени во обидот да избегаат од своите домови.
Земјотресот е регистриран синоќа, а до изутринава голем број лица останаа на улиците, поради стравување од можни вторични потреси.
Во земјотресот со интензитет од 7,2 степени според Рихтеровата скала на 23 октомври загинаа 604 лица, а неколку илјади беа ранети и останаа без покрив над главата. Во регионот во моментов се уште има шатори за лицата кои останаа без домови, а работат и полски ��олници. Работите за обновување се попречени од над 2.500-те вторични потреси со интензитет од два до шест степени од 23 октомври досега.
|