09.11.2011, 13:04 Маџар Телеком ќе инвестира 180 милиони евра во Македонија
Маџар Телеком наредните неколку години планира да вложи нови 180 милиони евра во Македонија.
Ова го најави унгарскиот амбасадор Јожев Бенце при посетата на Стопанската комора Тој порача дека исклучително сериозни се заложбите на неговата земја за унапредување на економската соработка со Македонија. „Унгарија е еден од најголемите инвеститори во Македонија. Светската криза се одрази на билатералната економска соработка, но нашите напори за нејзино интензивирање продолжуваат“, рече Бенце. Телекомуникациите, енергетиката, банкарството, туризмот, земјоделството и гасификацијата се само некои од сферите кон кои ќе се фокусираат идните бизнис активности. Амбасадорот предложи формирање на мешовит стопански комитет за што подиректна и поефикасна комуникација меѓу бизнисмените и надлежните институции од двете држави, односно нејзино подигнување на највисоко ниво,.
Бенце од Стопанската комора уште еднаш порача дека Унгарија во целост го поддржува процесот на македонското евроинтегрирање. Македонија, нагласи, мора да ги почне преговорите за членство во ЕУ иако се уште не е надминат проблемот со името. Тоа ќе даде исклучителен импулс за уна��редување на економските текови. „Ќе и дадеме целосна поддршка на Македонија за почеток на преговорите. ЕУ веќе трета година дава согласност дека земјата е подготвена иако се уште не е одреден датум“, истакна унгарскиот амбасадор. Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Унгарија лани изнесуваше 115 милиони евра, а во првите осум месеци од годинава достигна 36,6 милиони долари. На извоз отпаѓаат 5,2 милиона, а увозното салдо е 31,4 милиони долари. Според податоците од Стопанската комора, евидентен е негативен биланс од 26,2 милиона долари. Во однос на истиот период од 2010, извозот е зголемен за 11,3 проценти, а увозот е намален за 0,8 отсто. Вкупната размена, пак, бележи раст од 0,8 проценти.
Можности за зголемување на размената постојат во информатиката, управувањето со отпад, третманот со отапдните води, пазарот на недвижност. Од Комората велат дека покрај инвестирањето, двете економии треба да соработуваат и во производството наменето за трети пазари, како и заеднички да наспатуваат пред европските фондови. (Ек.Р.)
|