10.11.2011, 13:29 Државен надомест само осум месеци пред пензија
Лицата прогласени за технолошки вишок ќе можат да добиваат надомест од државата само осум месеци пред да исполнат услови за старосна пензија, а не пет години како досега. Ова се предвидува со измените во Законот за вработување и осигурување.
Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристоски измените се донесуваат поради злоупотреба на досегашната законска одредба која овозможуваше лицата ваков надоместок да примаат пет години, така што се пријавувале како вработени девет месеци пред да ги исполнат условите за да го добиваат овој надоместок. „Најголемиот број на лицата пред исполнување на законските услови за стекнување паричен надомест до пензионирање подолг период не биле во работен однос. Тие засноваат работен однос пред да наполнат возраст од 57 односно 59 години, најчесто фиктивно во некоја приватна фирма и тоа најчесто на определено време. Со престанокот на работниот однос по истекот на определеното време ги исполнуваат законските услови за остварување на ваков надомест“, појасни вели Ристовски. Тој истакна дека истото се случувало и со лица вработени на неопределено време. „Лицата, пак, кои се вработиле ��а неопределено време по истекот на девет месеци се согласуваат да бидат прогласени за технолошки вишок со што повторно го остваруваат правото на ваков надомест“, истакна Ристовски.
Ресорниот министер додаде дека во најголем број случаи на злоупотребите вработените биле пријавувани на големи суми, со што и надоместоците што подоцна ги добивале од државата биле прилично големи, поради тоа што законската одредба досега предвидувала надоместокот да изнесува од 40 до 50 проценти од платата која што ја земале. „Целта на измените на Законот е да се влијае на промените на состојбите во насока на пренасочување и зголемување на финансиските средства за активни мерки за вработување, дестимулирање на процесот на отпуштање постари работници и спречување на другите видови злоупотреби на Законот“, истакна министерот за труд и социјална политика. На списокот на Агенцијата за вработување во моментов има 22.802 лица кои примаат ваков надоместок. Месечно за нив од буџетот се одлеваат по три милиони евра, а годишно околу 36 милиони евра. Постојното решение во Законот дозволуваше жените со полни 57 и мажите со 59 години да заминат како технолошки вишок и да примаат паричен надоместок од Агенцијата за вработување во наредните пет години се до нивното пензионирање. Новото решение, како што појасни министерот за труд, е направено согласно анализи кои покажале дека во ниту една држава во Европа ваков надоместок не се прима подолго од две години. (Ек.Р.)
|