11.11.2011, 16:43 Тошак изрази разочараност од повредите
Покрај Пандев и Попов, со Албаниија во вторник нема да играат ни Тричковски ни Новески, неизвесен е Ибраими.
Сашко Ѓ. Димовски
Ситуацијата во фудбалската репрезентација на Македонија е усложнета, селекторот Џон Тошак е разочаран. Подготовките за претстојниот пријателски меч со Албанија во Прилеп (вторник, 13 ч.) ги започна без Горан Попов (Наполи) и Горан Пандев (Динамо Киев) кои отпаднаа поради, од вчера од истата причина надвор од комбинација се уште и Иван Тричковски (АПОЕЛ) и Николче Новески (Мајнц 05). Згора на тоа неизвесен е настапот и на напаѓачот на љубљански Марибор, Агим Ибраими, кого Велшанецот, сепак, се надева дека ќе го има на располагање за дуелот со Албанците.
„Тоа се важни играчи за овој состав. Јасно е дека ќе ни недостасуваат Пандев, Попов, Тричковски и Новески против Албанија, а можно е викендот да отпадне и Ибраими иако се надевам дека нема да дојде до тоа. Отсуството на сите овие фудбалери можеби е шанса за докажување на други меѓутоа за мене е разочарувачки што не можам да сметам на неколкуте играчи кои се стандардни во репрезентацијата. Тоа ја усложнува ситуцијата“, порача македонскиот селектор, Џон Тошак од денешната прес-конференција во Охрид.
Отсуството на Пандев, Попов, Тричковски и Новески и неизвесноста на Ибраими создава главоболки кај Тошак, па оттука Велшанецот допрва ќе развива стратегија за фудбалскиот тест со западниот сосед. Најави дека викендот ќе анализира, сака да се запознае со формата на останатите репрезентативци и работата на тренинзите по што ќе реши како да се спротивстави на Албанците.
Отказите се едно, а атмосферата во репрезентативниот камп во Охрид е нешто сосема друго за велшкиот фудбалски стручњак. Од неа Тошак изрази задоволство, но без конкретен одговор за иднина.
„Немам замерки за работата и ангажманот на играчите што се овде. Работат одлично, атмосферата исто така е на завидно ниво. Но, ако недостасуваат пет-шест стандардни играчи и во иднина, тогаш македонската репрезентација ќе се најде во уште посложена ситуација“, потенцира Тошак.
|