10.11.2011, 15:25 (ФОТО) Никогаш не е доцна да се сака Давид Албахари
Големиот српски писател, со светско искуство, го посети Скопје по повод македонската промоција на неговиот роман „Лудвиг“
Фото: Киро Попов
Српскиот, европскиот, светскиот писател Давид Албахари дојде во Скопје за да биде дел од македонската промоција на неговиот роман „Лудвиг“. Денеска, на пладне, во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар, пред почитувачите на делото на Албахари, кои не беа во голем број, како што се очекуваше, но веројатно беа вистинските, беше промовиран македонскиот превод на романот „Лудвиг“, чијшто издавач е „Икона“. Српскиот култен автор на голем број романи, од кои досега шест се прведени на македонски, а кој изминативе две децении живее во Канада, во своето триесетгодишно патување со литературата стекна огромен број приврзаници. Познати се неговите романи, но особено кратките приказни, кои се најчесто автобиографски. Се прослави со својата втора книга „Опис на смртта“ за која ја доби наградата „Иво Андриќ“, а потоа следуваа и останатите престижни признанија. Се издвојуваат и „Мамец“, „Снежниот човек“, „Цинк“ и секако, „Лудвиг“, која на м��кедонски ја преведе Александар Прокопиев. Македонскиот писател беше и промотор на романот „Лудвиг“, а делови од книгата читаше актерот Сашо Тасевски.
Исклучителна можност имаше скопската и македонската читателска јавност да се сретне со влијателниот Давид Албахари кој првпат доаѓа во Скопје, но за жал, салата во „Фросина“ беше полупразна. Како и да е, авторот се заблагодари што е наш гостин и рече дека би сакал повторно да дојде, дека би сакал и неговите други романи, како „Ќерка“ на пример, или „Контролен пункт“ да се преведат на македонски.
За Давид Албахари (1948) ќе кажат дека е писател со прилично затворен, на моменти дури и херметички израз, дека е автор кој бара голем читателски напор. Неговиот роман „Лудвиг“ зборува за двајца писатели. Едниот се вика Лудвиг, а вториот е истиот тој Лудвиг кој ја користи буквата С. С е опседнат со својот колега писател, нешто слично како односот помеѓу Моцарт и Салиери, кој и промоторот Прокопиев го спомена на вчерашната средба. Албахари се бави со односот меѓу писателот и општеството и обратно, односно со сите проблеми на јавниот, културниот, литературниот живот, спојувајќи ги главните јунаци со градот Белград.
„Драго ми е што ми се пружи можност да дојдам овде по повод преводот на мојата книга. Навистина е убаво да се види моето дело на друг јазик. Се надевам дека ќе изврши влијание, особено на писателите. Посакувам и ’Ќерка‘, па и последниот роман ’Контролен пункт‘ да се преведат на македонски, па да дојдам повторно“, рече Албахари и посочи ако некој помисли дека романот „Лудвиг“ има негативна критика кон Белград, дека тоа не е така и дека сите градови се во суштина, слични. „Јас потсетувам само на некои прашања и дилеми кои чекаат одговор“, рече Албахари. (Т.И.)
|