10.11.2011, 18:39 Кои се убиените Македонци во Италија?
Најблиските на Христо Узунов и на Салија Екрем се сомневаат дека нивните најмили се пронајдени мртв��
„Мојот сопруг го нема повеќе. Го нема повеќе таткото на моите деца. Не е ова информација за некој грабеж или нешто друго за да дознаваме од медиумите. Никој досега не нема известено што се случило. Не знаеме ниту дали сето ова е вистина. Ве молам оставете не' на мира“. Со глас скршен од болка, сопругата на тетовецот Христо Узунов, вчера во телефонски разговор изрази сомнеж дали се вистинити информациите што пристигнуваат од Италија. Според неа, ниту полицијата, ниту некој друг тропнал на нивната врата за да им каже за трагедијата во која, наводно, животот го загубил 42-годишниот тетовец.
Шок, болка, неверување. Во семејствата на тетовецот Христо Узунов (42) и на Салија Екрем (45) од селото Челопек, владее молк и неизвесност за судбината на нивните најмили. Италијанските медиуми завчера ја објавија трагичната вест дека двајцата се пронајдени застрелани во планината Магдалене кај градот Бреша, во Италија. Нивните блиски, роднините и соседите се надеваат дека не се точни ваквите информации.
Ристо Узунов (42) е татко на три деца, од кое најмалото нема ни две години. Како што раскажуваат блиски на фамилијата, тој од Тетово заминал на 23 јули службено во Италија. Последниот контакт со него, наводно, бил еден месец.
Соседите ги креваат рамениците и велат дека не знаат ништо. „Јас знам дека е заминат службено во Италија. Не верувам дека е убиен“, вели еден од соседите.
Молк и во тетовското село Челопек. Соседите велат дека Екрем е татко на три деца и дека неговото семејство имало слаткарници во Хрватска. Во Италија заминал службено, за изработка на некои проекти.
Мистериозниот случај во планината Магдалене веќе два дена е главна тема во италијанските медиуми, кои опширно известуваат за истрагата околу двете тела пронајдени на 15 октомври годинава. Двајцата тетовци биле застрелани со огнено оружје.
Пред пет месеци, тие полетале од Тирана за Милано, а потоа се упатиле во Бреша каде се сместиле во хотел. Утредента заминале и никој повеќе не ги видел. Откако се сменила управата на хотелот, пред неколку дена била прегледана собата, во која гостите оставиле дел од својот багаж. Меѓу другото, како што пишуваат медиумите, имало два лаптопа, алишта, но и проекти за изградба на трговски центар во Скопје.
За случајот била известена полицијата, која извршила споредба на алиштата и предметите пронајдени во хотелот и на местото каде се откриени телата. Клучно за истрагата, наводно, бил горниот дел од тренерката, пронајдена во хотелот, а се совпаѓала со долниот дел на тренерките „адидас“ кои ги носел еден од убиените. Меѓу другото, била пронајдена и СИМ-картичка, на тетовецот Узунов, во која имало голем број контакти. Истрагата ги проверува пронајдените доказни материјали.
Сепак, според италијанските истражни органи, клучна ќе биде ДНК-анализата која што треба да биде направена за да се утврди со сигурност идентитетот на починатите. Иако, неофицијално, се дознава дека роднините на 45-годишниот Екрем од тетовското село Челопек, заминале во Италија за да го идентификуваат телото, сепак, ќе биде неопходно да се направат и други анализи за да се расветли целиот случај.
Македонскиот Интерпол бил известен за случајот уште пред еден месец. Првичните информации биле дека се пронајдени две тела во распаѓање, најверојатно на двајца исчезнати македонски државјани.
„Се претпоставува дека се работи за двајцата исчезнати македонски државјани што живееле во Тетово“, информираше вчера помошникот министер за информирање Иво Котевски. Според него, се' уште се работи на идентификација на двете тела, за кои се претпоставува дека починале од повреди нанесени од огнено оружје. Тој додаде дека постои голема веројатност тоа да се македонски државјани, затоа што на 21 октомври во хотелот во кој престојувале во Бреша се пронајдени два куфера и две патни торби, а меѓу облеката се пронајдени црни тренерки „адидас“, горен дел, кои биле исти со долните тренерките на двете тела. Истрагата продолжува со цел да се утврдат мотивите и сторителите на двете убиства. (Д.Т.-Г.Е.) |