10.11.2011, 13:00 Одложено судењето за убиството на Новаковиќ
Главниот претрес не се одржа заради отсуството на адвокатите на обвинетиот Илче Јоноски, Игор Кичеец и Воислав Димоски.
Повторениот судски процес во Основниот суд во Прилеп за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ „започна“ со ново одлагање.
Главниот претрес не се одржа заради отсуството на адвокатите на обвинетиот Илче Јоноски, Игор Кичеец и Воислав Димоски, едниот поради обврски на други судски предмети во Битола и Охрид, а другиот поради лични семејни причини.
Обвинетиот Илче Јоноски во судницата инсистираше судењето да не се одржи без неговите бранители. Главниот претрес е закажан за 30-ти овој месец.
Според бранителот на обвинетиот Митре Костоски, Димитрија Цобоски, очекувањата се дека обвинетите на новозакажаниот претрес да се бранат од слобода бидејќи законскиот основ за траење на притворот истекува на 12-ти овој месец.
- Одлагањето е резултат на реални случувања, а не желба на одбраната бидејќи и одбраната има интерес што побрзо да се расчисти овој кривично-правен настан и да се утврди правата вистина, вели Цобоски.
Претходно, Апелација ја падна пресудата на Прилепскиот суд со која Митре Костоски доби 4 години затвор, Илче Јоноски 4,5 години, Драѓан Ѓорѓевиќ кој се уште е во бегстрво заработи 5 години, а Ѓоко Наумоски беше осуден на едногодишна затворска казна.
Укинувањето на пресудата за полномошникот на оштетените, Предраг Ќириќ има делумна правда а со укинувањето на притворот се ризикувало бегство и како што рече, комплетно фијаско на предметот. Ќириќ не верувал ниту во посебните мерки за обезбедување кои се гаранција за нивното присуство во текот на судскиот процес.
Инаку, убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ се случи пред Охридската пошта во август минатата година.
|