11.11.2011, 13:13 „Рокенрол“ од Приштина најдобра претстава на „Скупи“
Жирито во состав: Марта Прзениосло, Сашо Миленковски и Исмет Рамадани, одлучи да ја прогласи „Рокенрол“ за најдобра претстава чија тричасовна изведба публиката ја награди со овации
Претставата „Рокенрол“ на Том Стопард, во режија на Дино Мустафиќ, а во изведба на Националниот театар од Приштина, Косово, е прогласена за најдобра претстава во целост на неодамна завршениот фестивал „Скупи“. Жирито во состав: Марта Прзениосло, Сашо Миленковски и Исмет Рамадани, одлучи да ја прогласи „Рокенрол“ за најдобра претстава чија тричасовна изведба на отворањето на фестивалот публиката ја проследи со особено внимание, наградувајќи ја со овации.
Инаку, годинашното петто издание на меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ што се одржуваше во Македонскиот народен театар, заврши прексиноќа со изведба на претставата „Лолита Доли“ на „Николи“ театарот од Полска. Во рамки на фестивалот беа изведени и „Ла Станза“ на театарот „Ѓулиаре“ од Италија, „Умирање“ на „Виа Негатива“ од Словенија, која претставуваше интерактивен перформанс на Катарина Стегнар, потоа „Преминување на линијата“ на „Дах“ театар од Србија, „Квинтет“ на „Пера“ театарот од Турција, монодрамата „Чоркан“ од Босна и Херцеговина и интердисциплинарниот проект „Приказни од соништата“ во продукција на „Л’ескалиер 4“ од Франција.
|