10.11.2011, 13:33 Уапсен грчки државјанин по потерница од Интерпол
Македонската полиција вчера попладне во центарот на Скопје го уапси 55-годишниот грчки државјанин Томос Крисос Псомијадис - Макис. Макис ќе бара политички азил во Македонија?
Сашко Ѓ. Димовски
„Ако си син на свештено лице, тогаш дедо ти е Луцифер“, гласи една од широко распространетите шеги во Грција. Во моментот се однесува и на 55 годишниот грчки бизнисмен кој во средата попладне во координирана акција на македонската полиција и Интерпол беше приведен во Скопје. Во МВР не го откриваат неговиот идентитет иако грчките медиуми наголемо информираат дека станува збор за Макис Псомиадис, попознат кај јужниот сосед како „грчки кум на местењето“ или Биг Мек на кого не му помогнаа и избричените мустаќи да се скрие од полицијата.
„Осомничениот, како организатор и водач на група, има сторено многу тешки кривични дела како уцени, измами против фудбалски играчи, судии. Со цел да влијае врз резултатите на многу фудбалски натпревари, а во исто време да се стекне со противправен профит преку обложување на наместени на фудбалските мечеви, тој издавал наредби на други нелегални агенти, членови на неговата група, да одат во обложувалници и да се обложуваат на мечеви на кои предвреме до знаел резултатот“, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Од слобода е лишен во познат локал на улица „Ленинова“ додека пиел кафе, ритуал што го практикувал во последните 10-15 дена. Бил тивок, секогаш седел сам на маса и не се задржувал долго, бил коректен, ја плаќал нарачката и си заминувал. По приведувањето беше изведен пред истражен судија кој му изрече екстрадициски притвор во траење од 40 дена и потоа испратен во затворот „Скопје“.
Меѓународна потерница по него распиша Интерпол Атина под сомнение дека е член на криминална група и според наводите во неа грчкото законодавство предвидува максимална затворска казна во траење од 70 години. Грчките власти го товарат дека во периодот од 1 јуни во 2004 година до 1 јули во 2007 година Псомиадис затаил данок во Грција од над три милиони евра. Според сознанијата на македонското МВР тој не е влезен во земјава на легален начин и најверојатно престојувал по приватни станови што самиот ги плаќал. Засега нема сознанија за негова поврзаност со македонски фудбалски работници.
Псомиадис е поранешен претседател на грчкиот фудбалски тим Кавала, функција што во моментот ја извршува неговиот син Ставрос. Но, според информациите од грчките колеги тоа е само на хартија бидејќи алфа и омега во работата на клубот впрочем е токму Макис кој во минатото беше прв човек во уште два клуба во Грција, АЕК и Атромитос. Покрај синот има и ќерка кон која е многу поврзан. Таа, пак, е позната по љубовната врска со познатиот грчки кошаркарски репрезентативец, Јанис Бурусис. Наши извори велат дека Псомиадис е близок до владејачката ПАСОК. Во минатото неколку пати беше приведуван и секогаш пуштан на слобода. Заедно со Ахилеас Беос, претседател на Олимпијакос Волос, се централни фигури во грчкиот мега скандал за местење на фудбалските натпревари. Псомиадис е приведен во Македонија, Беос, пак, во Грција каде веќе една година е во истражен притвор. По избивањето на аферата и Кавала и Олимпијакос Волос се казнети со исклучувањето од првата грчка фудбалска лига и префрлени во четвртата.
Макис ќе бара политички азил во Македонија?
Грчкиот државјанин, Томос Крисос Псомијадис-Макис, кој завчера беше уапсен по меѓународна потерница на Интерпол Атина, од вчера е во затворот „Скопје“. Истражен судија му изрекол на осомничениот мерка екстрадиционен притвор во траење од 40 дена.
Од извори блиски на одбраната на осомничениот се дознава дека тој бил заинтересиран за барање политички азил во Македонија. Дали сега притворениот навистина побарал азил во државава и дали такво нешто ќе му биде дадено засега е неизвесно, но повеќе од извесно е дека на неговите блиски вчера не им била дозволена посета, со образложение дека не е ден за посета за роднини на притворено лице. Грција со сомничи Макис дека бил припадник на криминална група, односно дека сторил кривични дела: перење пари, измама, подмитување, корупција и закани. (Љ.С.) |