11.11.2011, 16:03 Наградата „13 Ноември“ за Поп Ацев
Маратонскиот пливач Евгениј Поп Ацев е добитник на наградата „13 Ноември“, најдобра екипа е кошаркарската репрезентација на Македонија, а тренер Лино Червар.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски денеска свечено им ги врачи наградите и признанијата на најдобрите спортисти и спортски работници за 2011 година по повод 13 Ноември, Денот на ослободување на градот Скопје.
За најуспешни спортисти за 2011 година беа прогласени: Евгениј Поп Ацев (маратонско пливање, 3. место на светскта ранг за 2011 година, член на АПК „Студент“-Скопје), Димитар Димовски (ватерполо, ВК „Работнички“, 3. место на Универзијадата во Пекинг, репрезентативец што се избори за пласман за Европското првенство во 2012) и Александар Ѓеорѓиевски (кик бокс прво место на Светско првенство од Клубот „Фајт тим“-Радишани од Скопје).
Најдобрите тренери за 2011 година се Лино Червар, тренер на Ракометен клуб „Металург“, шампион и освојувач на Купот на Македонија и успешен настап во Лигата на шампионите на Европа, Тони Стојановски, кик-бокс тренер на Александар Ѓоргиевски во клубот „Фајт Тим“, освоен златен медал на Светското првество одржано во Скопје и Боби Кузмановски, тренер на ватерполо клубот „Работнички“ за успешно учество во лига системот на натпревари, тренер на репрезентацијата, 3. место на Универзијадата во Пекинг и пласман на Европското првенство во 2012 година.
Машката екипата на Ракометниот клуб „Металург“ од Скопје, освојувачи на Купот и шампионска титула на Македонија, успешна на настапот во Лигата на шампиони на Европа, беше прогласена и ја доби наградата „13 Ноември“ за најдобра спортска екипа.
Најдобри репрезентации се кошаркарската за освоеното 4. место на Европското првенство во Литванија и ватерполо репрезентација за освоеното 3. место на Универзијадата во Пекинг и остварен пласман за учество на Европското првество во 2012.
Годинешни добитници на наградата 13 ноември што се доделува на спортисти, тренери, екипи, спортски работници, спортски работници за животно дело, општественици и професори по физичко воспитување се Саве Василевски, професор во основното училиште „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров, за освоени повеќе први места со екипи од училиштето, во повеќе спортови на градските првенства и на ниво на Република Македонија, Тони Станчески, професор во ДУФК „Методија Митевскио-Брицо“-Скопје и СУГС „Здравко Цветковски“ за досегашните постигнати резултати.
Наградата за животно дело им беше доделена на спортските работници Михајло Михајловски, Слободан Младеновски и Ајруш Синани.
За спортски работници за 2011 година беа прогласени Зоран Шишковски, успешен спортски работник во Сојузот на средните училишта и менаџер и Александра Неделковска, претседател на Кик-бокс федерацијата.
Наградата за општественик кој најмногу придонел во развојот на спортот и физичката култура во својата општина ја понесе Изет Меџити, градоначалник на Чаир.
- И годинава имаме со што да се гордееме, освоивте дузина златни, сребрени и бронзени медали на неколку исклучително силни меѓународни и домашни спортски манифестации, реализиравме и бевме добри домаќини и организатори на неколку меѓународни првенства, постигнаавме завидни успеси и во областа на средношколскиот спорт, каде што, како институција, издвојуваме најмногу средства, а успеавме да го вратиме во живот и нашиот фудбалски миленик „Вардар“, рече градоначалникот Трајановски.
|