11.11.2011, 13:05 „Златен гонг“ пресилен за домашните
По утрешните финални борби во спортскиот центар „Борис Трајковски“, кои ќе почнат во 12 часот, ќе биде познат освојувачот на 41. „Златен гонг“, на кој настапија околу 60 боксери од 13 држави.
На оваа најголема боксерска ревија во Македонија настапија и осуммина домашни боксери, но не се прославија многу, бидејќи четворица од нив беа елиминирани уште на стартот.
Прв на рингот се појави Мухамед Кадриев, кој убедливо загуби од шампионот на Африка, Тунижанецот Ахмед Мејри. Ништо подобро не помина ни Ибраим Мустафи, кој беше поразен од Сахрин Кунитцин од Белорусија. Серијата порази ја продолжија Мартин Алексов, кој беше елиминиран од Димитри Галагов од Молдавија, како и Саше Лескаровски, кој го предаде мечот во третата рунда против Албанецот Билали. Сите четворица наши боксери дебитираа на „Златен гонг“.
Победниците од вечерашните полуфинални мечеви ќе добијат по 200 евра, а победниците во финалето по 400. Обезбедени се и пехари за најдобар техничар, за најмлад боксер во финалето, за најборбен, за најдобар македонски боксер, за најдобар тренер и за најдобар судија. (М.М.)
|