13.11.2011, 11:49 Ватерполистите во полесната група на ЕП 2012
Холандскиот фудбалски тренер Луис ван Гал за противници на Македонија ги одреди Италија, Унгарија, Грција, Турција и домаќинот Холандија.
Холандскиот фудбалски тренер од светски глас Луис ван Гал им донесе среќа на најдобрите македонски ватерполисти во ждрепката за јубилејното 30. Европско првенство 2012 во Ајндховен, сместувајќи ги во полесната група А. Ван Гал, кому во извлекувањето му помагаше холандската пливачка легенда Питер ван ден Хогенбанд, по кого е именуван базенот во кој ќе се одржи првенството од 16 до 29 јануари, за противници на Македонија ги одреди Италија, Унгарија, Грција, Турција и домаќинот Холандија. Во групата Б се најдоа бранителот на титулата Хрватска, потоа Србија, Црна Гора, Романија, Шпанија и Германија.
Епилогот на ждрепката предизвика реакции, посебно кај селекциите што паднаа во групата Б, а се должи на новиот систем на одредување носители. Според него, тимовите беа селектирани во четири сада, при што првиот го сочинуваа Хрватска и Италија, вториот Србија и Холандија, третиот Унгарија и Црна Гора, а последниот ги вклучи Германија, Шпанија, Романија, Грција, Турција и Македонија, без оглед на резултатите на претход��ите шампионати. Организаторот доби посакувани ривали, а сомнеж фрли и гафот на крајот на извлекувањето во Градската куќа во Ајндховен, кога на ливчето на кое требаше да пишува Германија стоеше Велика Британија?!
Изгледот на групата ги прави реални шансите на Македонија да се пласира до деветтото место и со тоа да избори учество на олимписките квалификации од 2 до 8 април во канадскиот град Едмонтон, бидејќи ги има победувано и Грците, и Турците, и Холанѓаните.
Избраниците на селекторот Игор Гочанин на 16 јануари ќе стартуваат против Турција. Победниците на двете групи одат директно во полуфиналето, другите два полуфиналиста ќе ги даде вкрстувањето А2-Б3 и Б2-А3, а преостанатите ќе разигруваат за пласман од 7 до 12 место.
Македонија се квалификува за ЕП со победата над Франција од 12:4 во реваншот од баражот, со што го анулира поразот од 8:6 во првата средба во Париз. Ова ќе биде нејзино трето учество во низа на еврошампионатите по Малага 2008, каде што го освои осмото место, а во Загреб 2010 заврши последна меѓу 12 учесници. (Р.Д.)
Ждрепка за ЕП 2012 во Холандија
Група А: Холандија, Италија, Унгарија, Грција, Македонија, Турција.
Група Б: Србија, Хрватска, Црна Гора, Шпанија, Романија, Германија.
|